
Пред гласањето за извештајот на Вајц: Чуда не се очекуваат – Софија и Скопје остануваат на своите вистини
Македонските власти се во трка за добивање сојузници и поддршка од европските политичари, но премиерот Мицкоски вели дека добил „многу вознемирувачки информации за силна активност на одредени политичари во Брисел“.
Последниот развој во македонско-бугарските односи пред утрешното гласање во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) во Европскиот парламент за Извештајот за Македонија е обележан со изјавите од двете страни кои не покажуваат отстапување од ставовите.
Препорачано
Извештајот на известувачот Томас Вајц еднаш веќе беше одложен поради притисоци од бугарските европратеници. Главниот спор е формулацијата „многувековен македонски идентитет“ и недвосмисленото признавање на македонскиот јазик. Бугарија инсистира на употребата на термини како „сегашен македонски јазик“ – обид што се гледа како обезличување на македонскиот идентитет.
Истовремено, македонските власти се во трка за добивање сојузници и поддршка од европските политичари. Поддршка стигна од Хрватска, чиј премиер Андреј Пленковиќ во телефонски разговор со македонскиот колега Христијан Мицкоски нагласил дека Македонија го заслужува членството во ЕУ. За телефонскиот разговор информираа двајцата премиери на нивните социјални медиуми.
– Имав телефонски разговор со премиерот на Република Хрватска. Во пресрет на извештајот на Европскиот парламент, продолжувам да ги користам сите контакти за да ја раскажам македонската вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Според него, Македонија заслужува членство во Европската Унија, но со крената глава, додаде Мицкоски.
Пленковиќ, пак информираше дека со Мицкоски, меѓу другото разговарале и за извештајот на известувачот Томас Вајц за земјава.
– Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија, за претстојниот Извештај на Европскиот парламент за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Северна Македонија, која заслужува членство во ЕУ – напиша Пленковиќ на „Икс“.
Слични пораки Мицкоски упати и вчера, потврдувајќи дека нема отстапување од ставовите.
– Повеќе нема понижувања и прифаќања на сѐ што ќе ни се сервира на маса. Нема повеќе прифаќање на билатерални спогодби и договори коишто се секогаш без исклучок на штета на македонскиот идентитет, туку онаму каде што можеме се бориме да ја кажеме и раскажеме нашата вистина за Македонија. Секаде се трудиме да го пренесеме тоа што граѓаните го чувствуваат и да се бориме за нашата Македонија – изјави Мицкоски.
Во однос на утрешното гласање во ЕП рече дека добил многу вознемирувачки информации од таму за една силна активност на одредени политичари во Брисел, но заедно со министерот за надворешни работи „успеале да го амортизираат ударот којшто некој сакал да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик“.
Хрватската поддршка, искажана преку изјавата на премиерот Пленковиќ, доаѓа во клучен момент и ја засилува македонската дипломатска позиција, но, од друга страна, бугарските европратеници бијат своја битка. Па така, тие побараа случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, да биде вклучен во извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Георгиевски доби првостепена условна казна поради предизвикување на национална, расна и верска омраза – случај кој Софија го интерпретира како пример за „антибугарска политика“.
Александар Кржаловски од МЦМС за ТВ 24 деновиве изјави дека не треба да имаме големо очекување за гласањето на европскиот извештај и дека, според него, топката веќе не е кај Бугарија туку кај Европската Унија.
– Моето мислење е дека не треба да имаме големи очекувања за европскиот извештај веројатно ќе биде интересна недела. Од Бугарија се гледа продолжение на сѐ што прават во последниве неколку години, а тоа е дека топката не е кај нив туку е европски консензус и нема што да бараме и очекуваме од нив. Се држат до тоа дека ова е ситуација меѓу Македонија и ЕУ. Радев изјави дека нема да имаат повеќе барања и нагласи каде се вклучени барањата, се што бараа тие е вклучено во сите документи кои се формално во ЕУ и сметаат дека од нивна страна работата е завршена, сметаат дека Македонија ги прифатила и сега треба да ги спроведе. Прашање е колку ќе се испочитува сето тоа. Не се многу гласни и не долеваат масло во огнот – рече Кржаловски.
Инаку, во Извештајот на Вајц се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на уставните амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, пишува во Предлог-извештајот на Вајц.
Истовремено со очекувањето на гласањето во ЕП, истиот ден се очекува и самитот на НАТО на чии маргини треба да има македонско-бугарска средба. Иницијативата дојде од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, чија замисла беше средба меѓу претседателите на Македонија и на Бугарија, на која би можеле да присуствуваат и високи претставници на ЕУ, САД, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Идејата е оваа средба да биде можност за размена на аргументите, ставови за спорните прашања и евентуални излезни решенија од ќорсокакот во односите меѓу двете земји, со што би се откочиле пречките на македонскиот евроинтегративен пат.
Македонската страна веднаш ја прифати иницијативата, но од Бугарија немаше прецизен одговор, барем не јавно. Во меѓувреме, Софија објави дека на самитот на НАТО, наместо претседателот Румен Радев, ќе оди бугарскиот премиер Росен Жељазков, но тоа не беше проблем за македонската страна Сиљановска-Давкова се согласи. Сепак, засега, таква средба, на претстојниот самит на НАТО, не е закажана.
Во меѓувреме, бугарскиот претседател Радев и премиерот Жељазков изјавуваа дека Бугарија не поставува нови услови, туку бара почитување на веќе договореното. Но токму тие договори, како што е Протоколот од 2022 година, содржат спорни точки што Македонија ги смета за недозволиви во однос на сопствениот национален идентитет.
Во тој контекст бугарскиот претседател пред неколку дена изјави дека во спорот не станува збор за нерешени билатерални прашања, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија.
– Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи – рече Радев.
Премиерот Мицкоски возврати дека тоа што го зборуваат претставниците на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.
Сиљановска Давкова не ја коментираше директно изјавата на Радев, но кажа дека тоа не значи дека се согласува со него.
– Идентитетските прашања, се надвор од која било преговарачка рамка, бидејќи се надвор од Договорот за ЕУ, од Лисабонскиот договор и од Повелбата за фундаментални права. Таму, се гарантира националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку и на кандидатите за членство во ЕУ – изјави македонската претседателка.
Сепак, експертите, и покрај поддршката и изјавите, како и иницијативите од европски политичари, не очекуваат чуда оваа недела.
Одлуката на Комитетот на ЕП на 24 јуни ќе биде повеќе од техничка – ќе биде тест за европската способност да не дозволи билатерални прашања да го диктираат пристапниот процес.