Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Пред да ги потпише указите Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледува измените на законите за коридорите 8 и 10д

Претседателот на државата Стево Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени вчера од Собранието, посочуваат од Кабинетот на претседателот наведувајќи дека бидејќи станува збор за повеќе закони за тоа ќе бидат потребни неколку дена. Дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани.

„Вчера попладне во Кабинетот на претседателот се пристигнати законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. Бидејќи се повеќе закони ќе треба неколку дена претседателот да ги разгледа со својот правен тим, истакнуваат од Кабинетот на претседателот.

Собранието вчера на продолжението на 115. седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот