
Пратениците не можат да се договорат дали да влезат во контрола на АНБ
– Јас и да се обидам да се направи тој надзор, јас не можам да бидам дел од него. Која е целта? Јас своеволно да свикувам седница, за други да направат надзор над АНБ. За ваквото кочење треба да се обратите до службите – рече Реџепи Зејд, кој освен претседател на Комисија без сертификат е и кандидат за градоначалник на Скопје од коалицијата предводена од ДУИ.
Аферата за следење политичари, новинари бизнисмени од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), преку партиските седишта, сега се префрли во Собрание. Пратениците не можат да се договорат да направат надзор врз АНБ, откако излегоа информациите за следење. Иако беше закажана итна седница на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и АР, на барање на претседателот на Собранието Африм Гаши, со предлог да се влезе во контрола на АНБ, седницата се одложи, а претседателот на Комисијата Скендер Реџепи Зејд, кој е во коалиција со опозициската ДУИ, обвини дека Гаши сакал да го прекрши Деловникот.
Препорачано
Откако Скендер Реџепи кажа дека нема да ја свика Комисијата зашто нема безбедносен сертификат и не може тој да оди на надзорот, а Гаши свика итна седница, која требаше да ја води пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, која е член на Комисијата, Реџепи Зејд сега тврди дека Гаши не поднел барање до него за да свика седница, туку сам закажал, односно го прескокнал него како претседател.

Реџепи Зејд: Жалосно е што станавме банана држава
– Претседателот на Собранието сакал да свика седница без претходно да биде поднесено барање до мене како претседател на Комисијата за надзор на АНБ и АР. Бидејќи деловникот е јасен, во согласност со член 26 од Деловникот, јас свикувам седница по барање од една третина од членовите на Комисијата, или по барање на претседателот на Собранието. До мене ни вчера ни денеска не е стигнато такво барање. Затоа денешната седница не беше одложена, туку беше поништена, бидејќи е противделовничка и, нормално, седница ќе свикам јас кога за нешто такво ќе има барање. Жалосно е што станавме банана држава во која секој секого прислушува, а истовремено секој знае дека секој секого прислушува – рече Реџепи Зејд.
За него не е нормално премиерот да има информации дека е прислушуван кога се знае дека тоа се класифицирани информации на службите. Прашањето зошто тој како претседател на Комисијата која треба да ги контролира службите, нема безбедносен сертификат, вели дека тоа треба да се прашаат АНБ и другите институции што издаваат сертификат, односно зошто 11 месеци нема одговор зошто ниту тој, ниту неговиот заменик немаат одговор на барањата за безбедносни сертификати.
– Јас и да се обидам да се направи тој надзор, јас не можам да бидам дел од него. Која е целта? Јас своеволно да свикувам седница, за други да направат надзор над АНБ. За ваквото кочење треба да се обратите до службите – рече Реџепи Зејд, кој освен претседател на Комисија без сертификат е и кандидат за градоначалник на Скопје од коалицијата предводена од ДУИ.
Пренџов рече дека Комисијата треба да биде во АНБ во вторник наутро
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната цел е на 9 септември Комисијата да влезе во АНБ. Пратеникот Љупчо Пренџов рече дека не сакаат да навлегуваат во техничките работи, туку суштината на работата на Комисијата е да влезе и да направи надзор.

– По нашиот повик за итна на седница на Комисијата за надзор на за работата на АНБ и АР, односно утврдување датум за посета на агенцијата за национална безбедност, сите политички чинители беа „за“. Второ, актуелниот претседател на Комисијата, Скендер Реџепи од Европскиот фронт на ДУИ, веднаш по мене имаше прес-конференција на којашто кажа дека тој нема да свика Комисија, дека нема ништо против да ја свика Комисијата претседателот на Собранието Гаши и тоа нема да биде првпат. Зошто? Затоа што пред неколку месеци ние имавме седница на Комисијата, што ја водеше друг пратеник од опозицијата, а тоа е колешката Славјанка Петровска. И затоа не ја разбирам оваа денешна прес-конференција. Комисијата за надзор треба да биде во АНБ првиот работен ден од денес, со цел се запознае со сите списи и сите документи за она што се случувало. Сè друго е изигрување на волјата на граѓаните и на јавниот интерес – рече Пренџов.
Иако декларативно власта се залага за итен надзор во АНБ, Петровска се сомнева дека власта намерно прави деловнички грешки и бега од декласификација на документите од АНБ.
– Се сомневаме дека власта има што да крие. Затоа, по нашето повеќедневно инсистирање за декласификација, можеби ова одложување е резултат на страв од таа декласификација. Она што би било откриено со тие документи најверојатно нема да биде пријатно за претставниците на сегашната власт. Она што мене ми е познато е дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, не бил информиран дека јас ќе претседавам со Комисијата. Тој ми пренесе забелешки дека известувањето за закажување на седницата не е во согласност со Деловникот и дека до него не е доставена никаква иницијатива или барање за свикување на седницата. По проверка во службите, ми потврдија дека навистина таква иницијатива не била доставена – изјави Петровска.

Според нејзе несериозен и сомнителен е пристапот на власта кои го обелоденија скандалот, а пропуштиле правилно да го применат Деловникот.
-Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат. Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат – порача Петровска.
Претходно партиската портпаролка на СДСМ, Богданка Кузеска обвини бара дека власта не сака да ги објави документите поради случајот „Делчевски ниви“, случајот во кој, според нив, Мицкоски има централно место во криминалната шема. ВМРО-ДПМНЕ пак го повика обвинителството да не молчи туку да го расчисти случајот со следењето.
Јавното обвинителство пак не коментира изјави. – Промената на степенот на класификација и декласификацијата на класифицираните документи е регулирана во Законот за класифицирани информации – велат од Обвинителството.