Зграда на Собранието на Република С. Македонија/ фото: Слободен печат - Драган Митрески

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот Трајко Славески да биде иден гувернер

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за предлогот Трајко Славески да биде иден гувернер, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој истакна дека согласно Уставот, обврска на претседателот на државата е да го даде предлогот за гувернер.

– Тоа е одлука на претседателот на државата, не е одлука на Владата. Согласно Уставот, претседателката на државата го поднесува тој предлог така што немам што да коментирам. Предлогот ќе ја добие поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

Славески треба да биде избран на пленарна седница со просто мнозинство од 61 глас.

Сиљановска Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера го предложи проф. д-р Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, откако претходно разговараше со кандидатите за гувернер на Народната банка.

Од Кабинетот на претседателката информираа дека при донесувањето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.

– Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати – посочија од Кабинетот на претседателката.

Славески е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии. Во моментот тој ја извршува фунцијата претседател на Советот на Град Скопје. Славески доаѓа на местото на досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, која беше прва жена на оваа функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот