Тимчо Муцунски во Париз / Фото: Фејсбук

Прашањето за визно олеснување за Македонците во САД е веќе на маса во Вашингтон, вели Муцунски

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за време на неговиот престој во Соединетите американски држави ќе разговара за визното олеснување за Македонците за влез во САД. Ова прашање, како што вели шефот на македонската дипломатија, веќе е ставено на маса во Вашингтон.

Тој во интервју за Сител од Њујорк зборуваше за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и за интензивната политичка агенда во рамки на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации. Осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со САД, министерот Муцунски посочи дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете земји.

„На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и со мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон“ – рече Муцунски.

Тој се осврна и на сојузништвото со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски аранжман.

„Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички грижи за европските и за глобалните предизвици и секогаш е важно кога на високо ниво координираме ставови и разменуваме мислења. Во делот на тарифите, сме во завршна фаза на подготовка на ново решение, кое ќе донесе пониски давачки – како општи, така и специјални за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме драфт-текст, преговорите се одвиваат успешно и очекувам наскоро конечна верзија која ќе ѝ биде презентирана на јавноста – додаде министерот.

Истакнувајќи ја важноста на бројните средби со светски лидери, Муцунски вели дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните позиции на Владата по сите суштински и стратешки прашања. Тој информираше и за динамичната агенда во рамки на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и на поставувањето нови приоритети од регионален и глобален интерес.

Тој нагалси дека Владата ќе продолжи на мултилатерално поле да ги користи сите можности што ги има државата, бидејќи, како што вели, дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа мора да носи конкретни придобивки за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот