
Прашањата за јазикот и идентитетот не може да бидат предмет на билатерални спорови, вели академик Камбовски
Според него, Македонија и Бугарија за спорот разговараат на лош начин, го користат само политичкиот канал, наместо да ги користат и останатите канали како науката и културата.
Академик Владо Камбовски вели дека прашањата поврзани со идентитетот, дури и таму каде што има билатерални спорови, да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја, добро совесност и поддршка на другите земји.
Препорачано
Според Камбовски, кој се обрати на 13 Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE) во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), таквите прашања треба да се решаваат низ комуникација, низ културен и научен дијалог, низ културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите.
Како наука и уметност мора и треба да влијаеме на тоа, вели Камбовски. Треба да создадеме клима во која ќе можат и политичарите да ги градат тие мостови на соработка.
„Прашањето за националните идентитети, јазици и култура не може да биде предмет на билатерални спорови или на идеолошки различни пристапи зашто се работи за елементарни, фундаментални човечки вредности. Правото на самоопределување на поединците и народите е природно право и тоа не можете да го дискутирате или да го ставате во рамки на некои формални договори меѓу државите – дали ги прзинавате или не ги признавате“ потенцира академик Камбовски.
Според него, Македонија и Бугарија за спорот разговараат на лош начин, го користат само политичкиот канал, наместо да ги користат и останатите канали како науката и културата.
„Треба упорно да работиме, да бараме комуникации – научни, културни и други за „очи во очи“ да ги расчистуваме работите. Ние сега сме закопани на две различни страни. Разговараме на лош начин за овие прашања, користејќи го само политичкиот канал кој е само еден од каналите, а го запоставуваме овој, другиот канал. Кога би работел другиот канал кој смета на тоа дека, да речеме, научната средина и кај нас и во Бугарија мора да се држи за своите освештени правила, а тоа е вистината, треба да се бори, и ние, па и Бугарите, за она што е вистина. Не можеме да ја политизираме науката како што има тенденции да се политизира или да се инструментализира за остварување на вакви или онакви цели. Прашањата на спорења за јазици, за корените и слично треба да се остават на науката, таа треба да расправа за нив. Нема прашања кои не може да биде предмет на науката, може да постојат различни стојалишта и постоеле секогаш, па дури и спорења, а има и непрестани спорења стотици години околу одделни прашања во науката, нагласи Камбовски.
Тој потсети дека ЕУ даде поддршка преку Планот за раст на Западен Балкан и ние треба да ја искористеме таа шанса.
Политиката на проширувањето, смета академик Камбовски, сега е под влијание на два клучни момента. Првиот, објасни, е проширувањето сфатено како континуитет на европската заложба да ги развива своите фундаменти како заедница (владеење на право, сигурност,..), а вториот момент е да се позиционира во новиот светски поредок согласно гео-политичките случувања.