
Познат каскадер од филмовите на „Марвел“ загина во сообраќајна несреќа со своите три деца
Каскадерот Тараја Рамсес, познат по неговата работа во марвеловите филмови „Црниот пантер“ и „Одмаздници“, загина во сообраќајна несреќа во која животот го изгубија и три негови деца, пишува „Сан“.
Препорачано
Ѕвездата на филмската индустрија возел автомобил полн со деца кога удрил во расипана приколка од трактор на излез од автопат во Џорџија.
Тараја имаше 41 година, а членовите на семејството со скршено срце потврдија дека починале и ќерката Сундари (13), синот Кисаси (10) и двемесечната ќерка Фугибо.
Каскадерот и неговите ќерки загинале на самото место на несреќата, додека синот Кисаси бил итно пренесен во болница. Неговата баба потврдила дека четири дена подоцна за жал и 10-годишното момче починало од повредите.
Во несреќата преживеале неговата ќерка Шазија (3) и уште едно 15-годишно девојче кои се опоравуваат од полесните повреди во болница.

Полицијата потврди дека Тараја бил зад воланот кога автомобилот удрил во приколката, но причината за несреќата сè уште е неразјаснета.
Инаку, Тараја беше посветен спортист и глумеше како каскадер во филмовите „Avengers: Endgame“ и „Avengers: Infinity War“.
Исто така, е заслужен за десетици улоги во уметничкиот оддел во филмови како што се „Игри на гладта: фаќање оган“ и „Брзи и бесни 7“.
Освен по признанијата, неговата мајка Акили вели дека ќе биде запаметен и како посветен семеен човек и татко на нејзините внуци.