
Повисока дневница од 50 до 250 отсто за работниците на празник или казни за газдите
Од Државниот инспекторат за труд појаснуваат дека исплатата на празнична дневница е задолжителна, во спротивно ќе има казни за газдите
Во пресрет на празникот 8 Септември – Денот на независноста, кој е неработен ден, Сојузот на синдикатите потсети дека работата на празник или неработен ден утврден со закон се плаќа дополнителни 150 отсто на дневницата или вкупно 250 отсто. Најголемиот и најрепрезентативен синдикат во земјава, повторува дека од почетокот на 2022 година почнаа да важат измените на Законот за трговија, според кои доколку работат во недела или на празници, треба да им дадат многу поголеми дневници на работниците.
Препорачано
Работниците, пак, ги повикуваат да ги пријавуваат сите прекршувања на законот. За трговските центри и трговците на мало од бензинските пумпи и моловите, исто така се утврдува надоместок во висина од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, средства што ќе се инвестираат во Фондот за развој и човечки капитал. Парите треба да бидат уплатени најдоцна до 15 јануари за минатата година.
Инаку, со последната измена на Законот за трговија (Службен весник на Република Северна Македонија бр.150/22), трговијата на мало во ден недела и на празници може да се врши во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност. Овие трговци може да работат во недела и на празници според членот 2 од Законот за празниците на Република Македонија, во време од 8 до 22 часот.
– ССМ како потписник на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, во член 24, став 2 утврдил дека „За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надоместок на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 отсто“. Исто така, ССМ како потписник на Општиот колективен договор за јавен сектор, во член 16, став 3 утврдил дека „За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надоместок на платата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 отсто“ – предупредуваат од ССМ.
Од Државниот инспекторат за труд појаснуваат дека исплатата на празнична дневница е задолжителна. Казните се движат и до 10.000 евра за трговците што нема да го почитуваат законот.
– Работодавачите на верските празници можат да вршат дејност трговија на мало и големо и се должни да исплатат празнична дневница за секој час поминат на работа. Додека за сите државни празници што се неработни денови за сите граѓани, работодавачите не смеат да вршат дејност на големо и мало, освен со пропишаните исклучоци во Законот за трговија – велат од ДИТ.