Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Повик за бојкот на продавниците и рестораните во Босна и Херцеговина во петок

Бран повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок, 31 јануари 2025 година, се појавија на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина, јави босанската редакција на ТВ Н1.

Бојкотот е замислен како протест против високите цени и нискиот животен стандард.

Овие повици доаѓаат по успешната граѓанска акција во Хрватска, каде на 24 јануари граѓаните го бојкотираа трговскиот ланец поради високите цени.

Организаторите на иницијативата во Босна ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо на 31 јануари, туку однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење пари во ресторани.

„Ова е начин да го изразиме нашето незадоволство од зголемените трошоци за храна и енергија додека платите остануваат ниски. Еднодневен бојкот може да испрати моќна порака“, гласи една од широко распространетите пораки на социјалните мрежи, цитирана од телевизијата.

Луѓето на интернет-форумите посочуваат дека цените на храната во Босна и Херцеговина се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за домување се сè уште огромни.

Според Адис Кечо, претставник на Сојузот на независни синдикати на Босна и Херцеговина, ваквите постапки укажуваат на сериозни социо-економски проблеми во земјата.

Тој предупредува дека профитот на бизнисот се зголемува, додека платите на работниците остануваат недоволни за покривање на основните животни трошоци.

Организаторите на бојкотот потенцираат дека целта на акцијата е да се изврши притисок врз властите и работодавачите во земјава да преземат конкретни мерки за ограничување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на општиот стандард на граѓаните.

Властите во Босна и Херцеговина постојано ги замрзнуваа цените на најважните прехранбени производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот