
Повеќе од 9.000 евра за 500 грама суви мандарини? Добре дојдовте во Ксинхуи, каде што „златото“ расте на дрво
На прв поглед, Ксинхуи е обична населба во кинескиот град Џиангмен, кој се наоѓа во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Но, ако се најдете таму во есен или зима, улиците ќе бидат исполнети со прекрасниот мирис на суви кори од мандарина, познати како ченпи.
Препорачано
За жителите на Ксинхуи тоа е мирис на злато. Имено, зборот за мандарина на кантонскиот, локалниот дијалект, се изговара исто како „злато“, односно „гам“. Како благородниот метали, некои од овие лушпи можат да достигнат неверојатно висока цена – под услов да се соберат во Ксинхуи, каде што составот на почвата и водата ја прават оваа област идеална за одгледување мандарини. Се верува дека лушпите на мандарини од тој регион се ризница на микронутриенти.

Овие посебни кори се сушат на сонце секоја есен и зима – најмалку три години по ред. Постојат неколку видови на лушпи, од кои некои се: зелени лушпи од мандарини собрани пред да созреат, потоа светли или црвени кори собрани во ноември, големи црвени кори кои се целосно зрели околу декември и кори од мандарини собрани по зимата, кога содржат повеќе шеќер.
Ченпите наводно се користеле во јадења кои им се служеле на царевите и на цариците во Забранетиот град, поранешната царска палата на кинеската династија Минг (1368–1644) и Кинг (1644–1911). Денес, оваа состојка главно се додава во јужната кинеска кујна за подобар вкус, но и како лек. Слатките и пијалаците направени од суви кори од мандарини станаа сеприсутни со текот на времето.

Во зависност од видот, ченпите се користат во традиционалната кинеска медицина за здравје на слезината, дигестивниот систем и респираторниот систем. Сувите лушпи се богати со антиоксиданси и флавоноиди и помагаат во регулирањето на крвниот притисок.
Како убаво вино, колку се постари ченпите, толку се поценети.
Пред две години, килограм суви кори од мандарина од 1968 година беа продадени за 9.320 евра на аукција во Хонг Конг, а вредноста на индустријата на ченпи минатата година беше проценета на 2,94 милијарди евра. Во моментов, 500 грама ченпи стари 50 години чини неверојатни 8.875 евра.