
Повеќе од 130.000 луѓе го тужат „Букинг“ за наводно вештачко зголемување на цените
Повеќе од 130.000 луѓе поднесоа колективна тужба против „Букинг“ (Booking.com), за која веруваат дека вештачки ги зголемила цените на сместувањето, објави Холандското здружение на потрошувачи, пренесува „НЛ Тајмс“ (NL Times).
Препорачано
Огромниот број апликации веднаш по објавувањето на тужбата минатиот четврток дури предизвика и краток пад на системот на страницата за регистрација, која сега е повторно активна.
Здружението на потрошувачи, во соработка со фондацијата CCC, ја обвинува добро познатата платформа за резервација на сместување за кршење на правилата за фер конкуренција и вештачко зголемување на цените на хотелското сместување со години.
Вкупната штета, според нивните тврдења, би можела да изнесува стотици милиони евра, со потенцијална компензација од неколку десетици, па дури и стотици евра по корисник.
Тужбата ги опфаќа сите граѓани на Холандија кои резервирале сместување преку „Букинг“ од 1 јануари 2013 година.
Организациите тврдат дека дури и оние кои направиле резервации директно во хотелите или преку други канали би можеле да бидат погодени од повисоките цени поради влијанието што „Букинг“ го имал врз пазарот.
„Судскиот процес може да трае со години, но прво сакаме да разговараме со ‘Букинг’ за можностите за договор“, рече портпаролот на Здружението на потрошувачи.
Компанијата за резервации ги отфрли обвинувањата и изјави дека „секогаш се обидувала да им понуди на корисниците најдобри можни цени и транспарентно искуство со резервација“.