
Потона ли надежта за повисок минималец? Дојде март, а нема договор меѓу газдите и синдикалците
Се уште не е јасно дали на новата средба на членките на Економско-социјалниот совет ќе има некакво поместување ставовите околу висината на минималната плата, бидејќи таа не е закажана, ниту пак се знае кога ќе се одржи. Досега требаше да се искристализираат ставовите дали таа ќе се сведе само на законскиот минимум од 24.400 денари или пак ќе има зголемување
Се уште не е јасно дали на новата средба на членките на Економско-социјалниот совет ќе има некакво поместување ставовите околу висината на минималната плата, бидејќи таа не е закажана, а ниту пак се знае кога ќе се одржи. Досега требаше да се искристализираат ставовите дали таа ќе се сведе само на законскиот минимум од 24.400 денари или пак ќе има зголемување.
Препорачано
Од Владата рекоа дека ќе почитуваат се што ќе се договорат работодавачите и синдикатите, но нема официјална информација дали би поддржале да ја субвенционираат разликата во придонесите од евентуално зголемување на 30.000. Ако не постигнат договор, ќе се примени законското решение за минималецот, а трудбениците ќе треба да чекаат уште една година за да се случи ново законско усогласување.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и бизнис секторот се согласни дека државата треба да ги субвенционира придонесите за повисоки плати. И двете страни предлагаат мерки за поттикнување на платите, но останува да се види дали Владата ќе ја прифати оваа иницијатива.
Организацијата на работодавачи потсети дека слично законско решение за стимулирање на повисоки плати постоеше и претходно и би било корисно да се примени и во актуелниот случај. Нивниот предлог е ако минималната плата е 24.400 денари, а работодавачот одлучи да исплати 30.000, тогаш да не се плаќаат придонеси за разликата.
Предлогот на ССМ, е да се изнесува 30.500 денари, а за разликата од 6.000 денари, работодавачите да бидат ослободени од повисоки придонеси во текот на 12 месеци. Овој модел, според предлогот на синдикалците би се применувал и за другите плати, не само за минималната.
Сепак, Владата ќе треба да пресече, но засега нема информации дали ќе се поддржат субвенционирани придонеси. Во меѓувреме, седницата на ЕСС не се закажува бидејќи не е формирана Комисијата која ќе ја потврди репрезентативноста на ССМ, што пак за синдикалците е само добивање во време.
Кристина Ампева, претседателка на Здружението „Гласен текстилец“ порача дека „минималната плата мора да се покачи на 500 евра нето“.
-Мора да добиеме минималец од 500 евра, а тоа би било можно со замрзнување на придонесите. Не знам зошто новата ни влада е толку против замрзнување на придонеси кога и тие кога беа во опозиција го бараа истото. Доколку се усвои оваа сума, ќе има поголем нето износ кај вработените со најниски приходи, ќе се намали сивата економија поради досегашната исплата на пари во плик и повторно истите даноци ќе се слеваат во фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Тоа што некои краделе од овие фондови не може ние да го плаќаме. Затоа постојат Финансиска полиција, Јавно обвинителство и закони, нека има конечно конфискација за да се вратат парите назад во фондовите – напиша Ампева на Фејсбук.