Убиство во Велес / Фотоколаж: „Слободен печат“

По Танкица од Кочани, се случи Росица од Велес – очајнички го пријавувала убиецот кој ѝ се заканувал „или ќе бидеш моја или мртва“

После Танкица од Кочани која исто така во септември, но пред две години, со 40 убоди од нож беше свирепо убиена пред нејзината куќа во Кочани, ни се случи Росица од Велес, која беше избодена во семејната куќа во Велес заедно со нејзиниот татко. И двете жени ги пријавувале партнерите со кои некогаш биле во врска, Танкица во полиција, но немала пријави до Обвинителство, па тогаш ова беше изговорот на институциите, додека пак убиецот на Росица стигнал и до суд, а таа пет пати пријавувала во Обвинителство. Пишувал навредливи графити за нејзе, ѝ го запалил возилото на јавно место оставал УСБ во кое имало слики и видео записи со експлицитна содржина од нејзе и поранешниот.

Пред само околу една недела Росица дала изјава во Обвинителството за насилство што се случило во декември минатата година. Од записникот од Обвинителството може да се види дека Росица кажала дека со убиецот Илија Стефановски биле во вонбрачна заедница скоро три години, но во октомври ја прекинале врската. Иако биле разделени имале повремена комуникација, па тој во декември минатата година ја викнал заедно да одат во Софија во Бугарија. Заедно заминале за Софија, а на враќање почнала нивната кавга. Илија барал да ја продолжат нивната врска, но бидејќи Росица негодувала, тој ѝ рекол „или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“. Двајцата заминале во домот на Илија каде била и неговата мајка, но тоа него не го спречило да ја малтретира, да ја удира по цело тело и ја држел заклучена во неговиот дом, а ѝ го зел и телефонот на мајка ѝ. Едвај го убедила да ја пушти ветувајќи дека ќе одат да бараат помош за да успее нивната врска. Настанот го пријавила во полиција. Евиденцијата и во полицијата и во обвинителството е преполна со нејзини пријави. Но, освен нејзини има пријави и од Стефановски против нејзе.

– Во врска со И.С.(39) од Скопје, извршени се проверки во евиденциите во СВР Велес во врска со кривично – правни настани пријавени од 31-годишната Р.К. од Велес, при што евидентирано е следното: -На 26.01.2025 во 23:30 часот во СВР Велес, Р.К.(31) пријавила поплака против И.С.(39) од Скопје дека на улица „Христо Татарчев“ во Велес ја вознемирувал додека шетала куче. За наведеното И.С. е предупреден. -На 21.02.2025 во 01:40 часот во СВР Велес пријавила дека во периодот од 22:10 до 23:00 часот на 20.02.2025 во двор на основно училиште во Велес била физички нападната од И.С. од Скопје, со кого претходно била во врска. -На 04.ОЗ.2025 во 00:25 чaсот во Велес, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес го лишиле од слобода И.С.(39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во ходник од станбена зграда на улица „Христо Татарчев“ во Велес, физички го нападнал И.М.(35) од Велес, додека бил со неговата пријателка Р.К.(31) од Велес. И.С. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и поднесен е соодветен поднесок. За претходно наведените настани, а по барање на ОЈО Велес, во врска со пријавени настани од Р.К. против И.С. за временскиот период од 27.12.2024 до 01.03.2025, до ОЈО Велес доставени се примероци од сите службени материјали – велат од МВР за „Слободен печат“.

МВР за ужасот во Велес: Убиецот им отишол дома и со нож ги убил поранешната сопруга и нејзиниот татко

Таа пријавувала и дека Стефановски во Велес испишувал графити со навредливи и заканувачки содржини на кои било напишано нејзиното име и презиме на нејзиниот полубрат, му пишувал пораки на нејзиниот татко и на нејзината пријателка.

-На 18.05.2025 во 05:30 часот во СВР Велес е пријавено дека на паркинг простор на улица „Петре Прличко“ во Велес настанал пожар во патничко возило „мицубиши“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на К.К.(74) од Велес. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од Територијална противпожарна единица Велес. Увид на местото изврши увидна екипа од СВР Велес. По преземени мерки е утврдено и пријавено од 31-годишната Р.К.од Велес дека во периодот од 22:00 часот на 17.05.2025 до околу 05:30 часот на 18.05.2025 возилото било одземено од пред домот на нејзиниот татко. Се работи на расчистување на случајот – е една од пријавите.

Во полициската евиденција има и пријави од Стефановски против убиената.

– Исто така, извршени се и проверки во евиденциите во СВР Велес во врска со пријави од И.С. против Р.К., при што евидентирано е следното: -На 09.02.2025 во 19:20 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал. На 22.05.2025 во 14:30 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје, пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал. На 05.06.2025 во 17:00 часот во СВР Велес е повикана Р.К.(31) од Велес во врска со претходно пријавена поплака против нејзе од И.С.(39) од Скопје, пријавена во Скопје и изготвен е службен материјал – велат од МВР.

Според податоците од Обвинителството Росица и таму го пријавувала Стефановски за малтретирање, семејно насилство. Од февруари до септември годинава петпати пријавувала или давала изјави.

Во февруари пријавила загрозување на сигурноста, а во март е пријавуван двапати. Во мај го пријавила дека не ја почитува судската одлука и дека ја контактира по телефон и ѝ испраќа фотографии, како и дека се приближил до семејниот дом и го запалил автомобилот на татко ѝ.

„Од Основното јавно обвинителство денеска информираа за постапувањата по пријавите во изминатиот период. За насилникот било нарачано и психијатриско вештачење. Вештото лице се произнело дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“, стои во соопштението од ОЈО.

Само пет дена пред убиството, на десети септември, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрекло пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда.

ОЈО за злосторството во Велес: Убиецот не боледувал од душевна болест, но бил пресметлив и имал забрана за приближување до жртвата

Притоа со решение му биле укинати другите мерки на претпазливост кои биле на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата останала мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.

Но и покрај мерките, триесет и седумгодишниот скопјанец вчера попладне во семејната куќа на Росица ја избодел со нож и неа и нејзиниот татко, а потоа се самоубил. Убиецот на Танкица беше осуден на доживотен затвор, но таму се самоуби.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство велат дека оваа трагедија е уште еден пример за фемицид и дека ниту законските измени не се доволни за справување со вакви трагедии.

-Северна Македонија во 2023 година ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинира и криминализира фемицидот, женското генитално осакатување, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот; Северна Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.

Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите – велат од таму.

Бараат итни оставки на одговорните службени лица и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и центри за социјална работа кои не постапиле по пријавите за насилство и закани во овој и слични случаи.

-Бараме формирање независна истрага за институционалните пропусти во случајот. Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил кршење на издадени мерки за заштита и зошто не биле спроведени постоечките протоколи. Специјализирани механизми за заштита на жените. Задолжителни протоколи: да се воспостават и јавно објават обврзувачки протоколи за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството за постапување по пријави за насилство и закани, со јасни рокови и одговорности. Зголемени ресурси и капацитети: да се обезбедат повеќе средства, персонал и обуки за центрите за социјална работа, полицијата и судството со цел да се обезбеди навремена заштита. Протоколите мора да предвидат санкции за службените лица кои не постапуваат – се дел од барањата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот