
Поранешниот тренер на Вардар, Вујовиќ отвори душа: Да можев, ќе сменев две работи…
Стратегот кој до неодамна го водеше македонскиот првак зборува за што најмногу жали, што требало да направи поинаку, кои порази најмногу го болат… Вујо на заминување му посака на Вардар и на сите се најдобро
Заврши и третиот „мандат“ на Веселин Вујовиќ во Вардар и додека црвено-црните бараат нов предводник, харизматичниот тренер се простува од својот омилен клуб, посакувајќи му се најдобро во идните предизвици. Она што му „пресуди“ на Вујовиќ беа седумте порази во низа во ЛШ, а најмногу оној последниот кај Загреб, директниот конкурент за влез во осминафиналето. По тој пораз Вардар сериозно си ги загрози шансите за влез во нокаут фазата на ЛШ. Вујовиќ, една од најпопуларните спортски личности во Македонија, сега истакнува две работи што би ги направил да може да го врати времето назад.
Препорачано
– Секој нормален прво ги гледа своите грешки, па оние на другите. Ако сметаш дека сите другите ти се криви само ти не си, тогаш нешто ти недостига. Прво, не би направил грешка да дојдам во екипа која е „направена“ од други, а не од мене. Оние играчи што јас ги доведов се Тото (Џереми), Бакари (Диало) и Куни (Моралес). Сите останати беа по договор од Михалјовски, Алушевски и некои менаџери. Јас на некој начин дојдов на готова екипа. Второ, не би се согласил да влезам во приказната, а да не доведам уште еден квалитетен среден бек, затоа што тоа беше еден камен што никако не можевме да го прескокнеме. Колку и да се трудев да го убедам претседателот дека ни треба тој среден бек, тој ми велеше дека мораме да имаме македонски играчи, дека имаме квалитетни играчи, Македонци, дека ќе можат да го носат тој товар. Излезе дека тоа е голем проблем што го имавме од почеток, а не го решивме. Тоа се работи кои би ги сменил, да можам. Но, на крајот тренерот ја плаќа вината – вели Вујовиќ, кој ги истакнува и двата натпревари за кои најмногу жали што не завршиле со победи на Вардар во ЛШ.
Најмногу жали за поразите од Кил во Скопје и од Загреб
– Против Кил (шесто коло 26-29 н.з.) тука игравме одлично педесет минути, имавме предност и потоа со неколку непотребни грешки го изгубивме. За тој меч жалам многу, затоа што го притиснавме европскиот првак и можеме да го победиме. Да го добиевме тој меч, ќе беше поинаку затоа што играчите ќе сфатеа дека имаат сила да победат и таков тим. На последниот меч кај Загреб (10. коло, 23-22 н.з.) немавме среќа, имавме четири-пет шута да постигнеме гол и да го решиме мечот, но не успеавме во тоа. Да победевме ќе влезевме во помирна зона. За тие два меча особено жалам – вели Вујо, кој не сака да споменува имиња на играчи што најмногу го разочарале.
– Не е мое да кажам кои играчи најмногу ме разочараа. Има играчи кои позитивно ме изненадија и спротивно. Но тимот е како семејство, има лоши и добри работи, но сето тоа останува во семејството – вели Вујовиќ кој има само добри зборови за Вардар.
– Им се заблагодарувам на сите играчи. Посакувам Вардар да биде првак и да направи одличен резултат во ЛШ. Јас сум и останувам секогаш дел од Вардар и кога сум тука и кога не сум. Можеби од некои играчи очекував повеќе, но тоа е тоа. Ако доведете некој играч, а тој не го даде максимумот, не е крив само тој, криви сте и вие затоа што сте го довеле и сте направиле лоша проценка. Ќе останам близок со Вардар, со Скопје и со Македонија – вели Вујо, кој открива и како течел разговорот со газдата на клубот Михајло Михајловски.

Со Михајло остануваат големи, добри пријатели
– Со Михајловски разговаравме како и секогаш, како двајца големи добри пријатели и ништо не може да го расипе тоа, дури ни оваа разделба. Разговаравме што може да се промени, што да се направи. Каква „инјекција“ да дадеме. Тој мислеше дали можеби да вети некаква премија за играчите… Јас мислев дека во вакви ситуации (од искуство знам) промена на тренерот е единствен мотив. Играчите и кои играле добро треба повторно да се докажат, оние кои не играле или немале шанса да играат ќе сакаат да се покажат… Тоа е „шок-терапија“ што често дава резултати во спортот, а се надевам дека и сега ќе даде. Јас и претходно во некои моменти размислував да дадам оставка, но ме убедуваа дека тоа не треба да го правам. Се трудев да дадам максимум, некогаш тоа дава резултати, некогаш не – вели Вујовиќ, кој размислива за иднината.
– Ќе чекам да минат празниците. Се надевам дека ќе најдам некое решение. Направив некои контакти. Најмногу би сакал да отидам во Обединетите Арапски Емирати, зимава да ја минам таму, па потоа ќе видиме – вели Вујовиќ кој Вардар го презеде минатиот јуни. Претходно тој го водеше Вардар во 2006-2009 и во 2011-2013.