
Поранешниот претседател на Конго осуден на смрт за предавство
Високиот воен суд во Демократска Република Конго денеска го прогласи поранешниот претседател Жозеф Кабила за виновен за предавство поради наводна соработка со антивладините бунтовници и го осуди на смрт.
Препорачано
– Не е јасно како би можела да се изврши казната бидејќи локацијата на Кабила, кој од јули се суди во отсуство, останува непозната откако последен пат беше виден оваа година во град под контрола на бунтовниците. Судот во Киншаса издаде налог за негово веднашно апсење, пишува АП.
Владата го обвини Кабила дека соработувал со Руанда и со бунтовничката група М23, која во јануари зазеде клучни градови на истокот на Конго богат со минерали. Судот го прогласи Кабила виновен за предавство, воени злосторства, заговор и организирање вооружено востание со М23. Дополнително, му наложи да плати 29 милијарди долари оштета на државата, како и по 2 милијарди на покраините Северен и Јужен Киву.
Жозеф Кабила ја предводеше државата од 2001 до 2019 година. На власт дојде на 29-годишна возраст по атентатот врз неговиот татко и претходник Лоран Кабила. Својот мандат го продолжи со двегодишно одложување на изборите по 2017 година, а на крајот неговиот кандидат загуби во декември 2018 од долгогодишниот ривал Феликс Чисекеди, кој е претседател на Конго од 2019 година.