
Поранешниот градоначалник на Букурешт уапсен во Солун е ослободен условно со кауција
Поранешниот градоначалник на Букурешт Сорин Опреску (74), кој беше уапсен минатата сабота попладне во Солун, по спроведување на европска потерница што романските власти ја распишаа против него, е пуштен условнo на слобода. Романците бараат негова екстрадиција за да ја отслужи затворската казна од 10 години и 8 месеци, која му беше изречена во 2015 година од страна на суд во Букурешт за случај на корупција, пренесува романски Инсајдер.
Препорачано
Солунскиот жалбен совет ќе одлучи за неговата екстрадиција во наредниот период, на расправа. Дотогаш, тој ќе биде на слобода, под услови да се јавува три пати месечно во полициска станица, да му биде забрането да ја напушти земјата и да плати кауција од 5.000 евра.
Пред надлежниот обвинител на Апелациониот суд, каде што беше донесен утрово, 74-годишниот Романец, поранешен сенатор и градоначалник на Букурешт (2008-15), изјави дека не дал согласност за негова екстрадиција, додека според информациите, зборувал за „политички прогон“ против него.
Се вели дека тој постојано живее во Грција од 2019 година, првично во Атина, а подоцна на Халкидики. Романските власти побараа негова екстрадиција, врз основа на европска потерница, во 2022 година, но потоа Апелациониот суд во Атина одлучи да не го екстрадира.
Информациите покажуваат дека 74-годишникот, кој исто така ја носи титулата професор по медицина и хирургија, во тоа време навел сериозни здравствени причини и дека неговото евентуално притворање ќе ја влоши неговата состојба.
Романските власти, сепак, се вратија со понова потерница и во документите на обвинителството што сега ги испратија до грчките власти, тие посочуваат, според истите информации, подобрување на условите за притвор во нивната земја.
Случајот за кој тој беше осуден во неговата татковина се чини дека е поврзан со неговите градоначалнички должности, поточно со назначувањето на лице во службата за гробишта и градини во Букурешт. Според одлуката на романскиот суд, тој наводно побарал 25.000 евра за да го назначи дотичниот, додека износ од 11.000 евра требало да му припадне на член на комисијата за назначување.
Тој беше осуден за дела поткуп, перење пари и криминално здружение.
Забележано е дека бараното лице е уапсено во отворен простор на аеродромот „Македонија“, каде што отишол да пречека свој пријател од Романија.