
Поранешната сопруга на Бил Гејтс „удри“ по светските богаташи: Маск и другите милијардери не се филантропи
Мелинда Френч Гејтс, филантроп и поранешна сопруга на милијардерот Бил Гејтс, во големото интервју за „Њујорк тајмс“, се осврна на милијардерите од новата генерација и нивните наводни добротворни намери.
Препорачано
Запрашана за нејзиното мислење за новата генерација милијардери, која ги вклучува извршниот директор на „Тесла“ и сопственик на „Икс корпорација“, Илон Маск, основачот и извршен директор на Сквер, Џек Дорси, американскиот менаџер за фондови, Бил Акман и коосновачот и инвеститор на Пејпал, Питер Тил, Мелинда Гејтс рече: „Луѓето што ги спомна не се баш филантропи, тие го користат својот глас, но јас не би ги нарекла филантропи“.
Новинарката на „Тајмс“ во потпрашање ги класифицира Мелинда и нејзиниот поранешен сопруг Бил, а потоа и Ворен Бафет во групата милијардери со „потрадиционален пристап кон филантропијата“ .
„Дали мислите дека Маск, Дорси, Акман и Тил припаѓаат на друга група затоа што не го потпишаа ‘The Giving Pledge’ (ветувањето на најбогатите поединци и семејства во светот да го посветат најголемиот дел од своето богатство во добротворни цели)?,“ продолжила новинарката.
„Некои го потпишаа тоа ветување и не велам дека тоа е нешто што воопшто треба да го направат. Но, погледнете го нивното досие за давање пари на општеството. Тоа не е одлично“, одговорила Мелинда.
„Значи, вие ги ставате Бил, мене и Ворен во класата на филантропи кои ги прават работите на одреден начин, но мислам дека тогаш не можете да кажете: ‘Во ред, добро, ајде да се споредиме со оваа група овде што не е филантропска’. Тоа не се филантропи, според мене“, јасно кажала таа.
Инаку, Мелинда неодамна ја напушти фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ преку која се донирани речиси 80 милијарди долари откако таа и Бил ја основаа во 2000 година.