Билјана Димитровска / Фото: МИА

Поранешна прва антикорупционерка Димитровска се враќа на работа во Државниот завод за ревизија

Довчерашната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, која беше принудена да се повлече од функцијата откако беше обвинета за одавање службени тајни, а се откри и дека наместо неа, колега го полагал нејзиниот тест за сертификат за државни тајни, се враќа на работа во Државниот завод за ревизија (ДЗР). Нејзиното работно место во ДЗР било во мирување и таа има право да се врати на истата позиција, објави „Сител“.

Еден ден откако Собранието ѝ ја констатираше оставката, таа поднела барање до ДЗР да се врати на позицијата помошник на главниот државен ревизор. Првиот ревизор за телевизијата потврдил дека го добил барањето.

Согласно решението од 5 февруари 2024 г., работното место на Димитровска е во мирување и таа има право да се врати на истата позиција по престанокот на функцијата во Антикорупциска која ја извршуваше до вчера. Судот нема изречено мерка со која на Димитровска ѝ се ограничува правото на работен ангажман во ДЗР.

Димитровска поднесе оставка во петокот откако Обвинителството за гонење организиран криминал ја обвини за две кривични дела – одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Инаку, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе распише јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК на местото на Димитровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот