Приватен градски автобус 23 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поради неисплатени долгови, приватните превозници од понеделник ќе возат само од 5 до 10 часот наутро

Доколку до понеделник(6 октомври) не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Скопје, нивниот возен ред ќе биде намален за 70 проценти и ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот, соопштија приватниците на денешната прес-конференција.

Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани кои сообраќаат во Скопје денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.

„Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП“, рече приватниот превозник Јовица Зафировски.

Директорот на ЈСП Скопје Драги Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници, рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите согласно нивните можности.

„Откако сум јас директор, долгот се намалува и не е тој што беше кажан од приватните превозници. Траба да се престане со манипулација на граѓаните и дека ЈСП располага со возниот парк кој што располага и ги пушта сите автобуси што ги има. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари“, рече Кушовски.

По неговата изјава, приватните приватните превозници реагирале и го корегирале Кушовски дека долгот е поголем и наместо 60 милиони денари, изнесува 90.

Превозниците информираа дека добиле само дел од целосната сума која им се должи, односно во четвртокот им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари за долгот од март.

Превозниците на директорот му посочија дека не можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи и дека веќе им се најавени извршители.

„Ти велиш си зел плата за август, е па ние имаме земено за март, а сега сме месец октомври. Кажи ни, дали ти би работел 6 месеци без плата? Вие кога немавте нафта ги повлековте автобусите. Последната исплата кон нас е направена пред две недели за месец март, а сега сме октомври“, велат превозниците.

Кушовски на крај додаде дека долговите се исплаќаат согласно можностите на ЈСП и дека долгот е помал од оној што го претставуаат и побара да не се манипулира со граѓаните.

„Се плаќаат долговите согласно нашите можности, долгот не е тој што го кажувате, да престанете да манипулираме со граѓаните. Должиме 60 милиони денари. Јас кога дојдов на директорско место тие долгови ги наследив и го намалив долгот“, рече Кушовски.

Доколку не се исплатат парите до понеделник, приватниците рекоа дека се додека долгот не им биде исплатен, ќе се редуцира возењето, односно трите компании ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот наутро, со 30 проценти капацитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот