
Поради контроверзните изјави: Нетфликс ја отстрани ѕвездата на „Емилија Перез“ од кампањата за филмот пред Оскарите
Нетфликс ја отстрани Карла Софија Гаскон, ѕвездата на филмот „Емилија Перез“ („Emilia Pérez“), од својата главна кампања за Оскарите, дистанцирајќи се од оваа трансродова актерка откако беа откриени расистички и исламофобични коментари од нејзини твитови објавени во 2020 година, објавија холивудските медиуми.
Препорачано
Шпанската ѕвезда, која е номинирана во категоријата за најдобра главна актерка, се најде во центарот на медиумска бура поради стари твитови што испливаа на површина, откривајќи навредливи коментари за исламот, Азијците, ЛГБТК+ заедницата, па дури и за самите Оскари.
Нетфликс претходно дистрибуираше промотивни материјали со првата отворено трансродова актерка номинирана за Оскар, како дел од кампањата за филмот на Жак Одијар, кој се натпреварува за дури 13 златни статуетки – рекорд за 2025 година.
Но, според „Холивуд репортер“ и „Варајети“, глобалната стриминг платформа ја отстрани Карла Софија Гаскон од сите свои кампањи.
Бидејќи сезоната на доделување награди во Холивуд е во полн ек, шпанската актерка веќе нема да учествува, како што било планирано, на различни настани, вклучително и на гала-вечерата за наградите Критикс чоис во петок, објавија специјализираните списанија.

Затоа, на официјалната веб-страница на Нетфликс, каде што претходно се промовираше филмот, наместо Карла Софија Гаскон е поставена фотографија на Зои Салдана, која е номинирана за најдобра споредна актерка. Според „Франс прес“, Нетфликс одбил да ја коментира својата одлука.
Нејзината промотивна кампања доживеа неуспех откако минатата недела повторно се појавија старите објави на социјалните мрежи.
Во објавите, преведени од оригинален шпански јазик, 52-годишната актерка, меѓу другото, напишала дека „исламот стана легло на зараза за човештвото што итно треба да се излечи“ и го исмејувала антирасистичкиот движење по смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканецот кој беше убиен од полицијата во 2020 година.
Иако подоцна јавно се извини „како членка на маргинализирана заедница“, штетата веќе беше направена.
Да потсетиме, 97. доделување на престижните награди Оскар ќе се одржи во Лос Анџелес на 2 март.