
Попис на дрвјата и на грмушките во Карпош, Општината ќе прави Зелен катастар
Општината кон крајот на минатиот месец распиша јавен повик за изработка на Зелен катастар, со цел да се направи попис на дрвја и грмушки во урбаните делови на Карпош за да се обезбедат податоци за состојбата на зеленилото кое е под надлежност на Општината и да се придонесе кон заштита и зголемување на отпорноста на дрвјата.
Зелените површини се од исклучителна важност во секоја урбана средина, особено во Скопје каде што граѓаните половина година дишат загаден воздух. Поради тоа, неопходна е грижата за секое дрво во парковите, во училиштата и градинките, покрај улиците и плоштадите, за дрворедите, бидејќи и покрај тоа што сите се свесни за нивното значење, не се доволно заштитени и не им се обрнува доволно внимание.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За разлика од кај нас, во европските земји шумите и зеленилото се веќе интегрирани во националните политики за управување со природните ресурси, а сѐ поголемо значење им се дава на рекреативните, здравствените и на еколошките придобивки од зелените површини. Концептот на одржливи и паметни градови е незамислив без грижа за зелените површини.
Општина Карпош може да се пофали дека е една од скопските општини со најмногу зеленило. Високи дрвја, стари и по неколку децении можат да се видат на секој чекор низ населбите. Друго прашање е колкава е грижата за тие дрвја, дали некој утврдил во каква состојба се, дали има 20-метарски и повисоки дрвја со исушени стебла што можат да паднат и да предизвикаат сериозни штети.
За да се утврди сето ова, Општината кон крајот на минатиот месец распиша јавен повик за изработка на Зелен катастар, со цел да се направи попис на дрвја и грмушки во урбаните делови на Карпош за да се обезбедат податоци за состојбата на зеленилото кое е под надлежност на Општината и да се придонесе кон заштита и зголемување на отпорноста кон климатските промени и еколошките предизвици.
Во 2018 година во Законот за урбано зеленило правно се регулираше извршување попис на урбаното зеленило во државата, а оваа активност стана задолжителна за сите општини.
Јавната набавка предвидува попис на кој вклучува геореференцирање и одредување на карактеристиките на дрвјата и на грмушките (вид, висина, здравствена состојба и др.) од јавните зелени површини во Општина Карпош. Овие податоци се неопходни за поефикасно управување со зеленилото и ќе послужат како основа за анализа на урбаната отпорност – објаснуваат од Карпош, посочувајќи дека собраните податоци ќе бидат интегрирани во Зелениот катастар на Град Скопје.
Дрвјата и грмушките во приватните дворови нема да бидат попишани.

Како што се наведува во јавниот оглас од изведувачот што ќе биде избран, меѓу другото, ќе се бара во писмениот извештај за изработениот зелен катастар да достави географски координати за секое попишано дрво или грмушка, да изврши класификација на дрвенестите видови според вид и форма, да изврши геодетско снимање само на дрвенестите видови, да ги одреди морфолошките атрибути на одредениот вид, како што се пречник на стебло, ширина на крошна, височина на дрвото. Потребно е да ги посочи и оштетувањата и наваленоста на дрвјата, како и оштетувањата и болеста кај грмушките.
Рокот за реализација на активноста е 30 дена откако ќе добие налог за отпочнување со работа.
Изработката на Зелениот катастар ќе биде финансирана од општинскиот буџет за што во согласност со Акциониот план за 2024 година се планирани 200.000 денари.
Граѓанските организации што се заинтересирани за овој проект, меѓу другите критериуми треба да се занимаваат со активности и проекти од јавен интерес, особено од областа на екологијата и заштитата на животната средина.
Пописот на дрвјата и утврдувањето на нивната состојба, би требало да овозможи во иднина подобра заштита и грижа, но и да се спречи при невреме да паѓаат дрвја што се откорнуваат од земја или исушени гранки. Ова честопати се случува не само во Карпош, туку и во сите други општини при посилен ветар при што редовно страдаат паркирани автомобили и, за среќа, многу ретко се повредени граѓани.