
Помошникот тренер на Шкупи, Лаич: Не дојдовме на екскурзија, ќе го дадеме максимумот во Софија
Тренерот на Шкупи, Џихад Арслан поради семејни причини беше принуден да отпатува за Истанбул, но утре ќе биде присутен за да ги тренира играчите на реваншот во Софија.
Препорачано
Пред реваншот со Левски во второто квалификациско коло за Конференциската лига в четврток во Софија од 19.00 часот по македонско време, своите очекувања ги споделија помошникот тренер на Шкупи, Февзи Лаич, како и фудбалерот на тимот, Суад Сахити.
Бугарите имаат предност од 2:0 по првиот меч во Скопје и се поблиску до следната фаза.
– Не е лесно да се игра по првиот меч кој го загубивме со 2:0. Не дојдовме овде на екскурзија, ќе се бориме, го дадеме нашиот максимум да се претставиме добро, за Шкупи и за Македонија. Резултатот не е добар, но ќе направиме сè за да ја анулираме негативата – вели Лаич.
Како што е и најавено, распродадена е „Герена“, двата тима ќе играат пред полни трибини.
– Знаеме каква е атмосферата. Сме играле и во други земји. Ќе биде убаво да се игра пред оваа публика – рече стратегот на клубот од Чаир.
Шкупи жали што на ова гостување нема да има свои навивачи..
– Разбираме дека се случија доста непријатни работи, ова не е добро. Не сакаме такви работи да се случуваат во фудбалот – се зборовите на Лаич.
Суад Сахити, фудбалер на ФК Шкупи:
– Па, од првиот натпревар, да бидам искрен, сите знаеме дека резултатот не беше резултат, одигравме добар меч, имавме добри шанси да постигнеме голови, но тоа не се случи, тоа е фудбалот. Знаеме дека утре нè очекува добар натпревар, мора да бидеме сконцентрирани и нормално во фудбалот никогаш не треба да се откажувате. Дојдовме да играме добар фудбал, затоа сме подготвени – изјави Сахити.