
Помошник на Тошковски осомничен за незаконско земање пари од касата на МВР
Поднесена е кривична пријава против висок функционер на Министерството за внатрешни работи осомничен дека повеќепати незаконски земал пари од буџетот на МВР.
Препорачано
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против лице со иницијали Љ.Р. поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик,“ соопшти МВР.
Според пријавата, осомничениот, кој бил помошник на министерот за внатрешни работи и раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, ја злоупотребил својата службена функција со тоа што во повеќе наврати незаконски си исплатувал средства од буџетот на МВР.
Во текот на месеците јуни, јули, август, септември, ноември и декември 2023 година, тој одобрил списоци за евиденција на прекувремена работа и бонус плати за вработени во Одделот, при што и самиот фигурирал на тие списоци. Притоа, не постоеле писмени наредби со кои бил задолжен да извршува работни задачи подолго од полното работно време.
Со таквите дејствија, според внатрешната контрола, се стекнал со противправна имотна корист во износ од вкупно 116.748 денари (1.300 евра) – од кои 80.134 денари на име прекувремена работа и 36.614 денари како бонус плата за 2023 година.
Средствата биле исплатени на штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштуваат дека предметот е доставен до Обвинителството за понатамошна постапка.