
Помало кредитно учество за оние кои купуваат прв стан за живеење
Одлуката за макропрудентните мерки ќе се спроведува од 1 декември 2025 година
Ќе се олесни кредитирањето за купување или градење прво живеалиште – стан или куќа наменети за сопствено живеење, но истовремено ќе се затегнат условите за користење станбен кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите. Ова го најави Народната банка, а гарант за тоа е Одлуката што ја донел нејзиниот Ивршниот одбор.
Препорачано
– Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година – рече гувернерот Трајко Славески.
Тој појасни и дека целта на затегнувањето на условите за купување на кредит на стан во кој не се живее е да се намали притисокот на побарувачката кој креирале огромни цени на станбениот квадрат.
– Се зедоа предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации. За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот – рече Славески и потенцираше дека има и други услови поповолни за оние што сакаат да купат прво сопствено живеалиште.
– Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нè заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити – посочи гувернерот Славески.
Тој рече дека со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.