
Полските власти тврдат дека разбиле мрежа од руски шпиони: Местеле камери и спремале саботажи
Функционери од полската влада потврдија дека група странски државјани се уапсени под сомнение дека шпионирале за Русија. Вкупно шестмина се уапсени во наводната шпионска мрежа што работела за Русија, а тие се осомничени дека тајно поставиле камери за снимање на инфраструктурата што се користи за испорака на помош во Украина, пренесе „Би-би-си“.
Препорачано
Шпионската ќелија наводно веќе имала спремни планови за за саботажа. Деценискиот шпионски конфликт меѓу Русија и Западот се интензивираше по почетокот на војната во Украина.
Полска е еден од најсилните сојузници на Украина и во земјата од почетокот на инвазијата во февруари лани беа уапсени неколкумина осомничени руски шпиони. Во последниот случај, според властите, групата поставила десетици камери до железничките јазли и на важните сообраќајни правци во полската провинција Подкарпатие, која граничи со Украина.
Според нивните изјави, дел од камерите се пронајдени во близина на мал регионален аеродром кој е претворен во меѓународен логистички центар за испорака на воена и хуманитарна помош за Украина. Воени и товарни авиони од САД и низ Европа редовно летаат во и надвор од аеродромот Жешов-Јасионка за да доставуваат материјали до камионите кои потоа се упатуваат кон границата со Украина.
Местото се смета за толку чувствително што Вашингтон распореди американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ за заштита на аеродромот. Американскиот претседател Џо Бајден слета на тој аеродром кога ја посети Украина неодамна. Властите за утре најавија прес-конференција на која ќе откријат повеќе детали за последните апсења.