
Полска ја затвора границата со Белорусија поради руско-белоруски воени вежби
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека земјата ќе ја затвори границата со Белорусија почнувајќи од полноќ во четврток, 11 септември, поради претстојните воени вежби „Запад-2025“ што Русија и Белорусија ги одржуваат во близина на полската граница.
Препорачано
Пред владиниот состанок во Варшава, Туск изјави дека границата ќе биде затворена бидејќи во петок во Белорусија, многу блиску до границата, ќе започнат „руско-белоруски маневри, многу агресивни од гледна точка на воената доктрина“, јавува Полското радио.
„Затоа, од причини поврзани со националната безбедност, ќе ја затвориме границата со Белорусија, вклучително и железничките премини“, рече Туск.

Тој додаде дека, како одговор на руско-белоруските воени вежби, полските и сојузничките сили на НАТО ќе ги одржат своите вежби на полската страна од границата.
Минатата недела, Туск им изјави на новинарите дека воените вежби „Запад-2025“ се многу агресивни „затоа што симулираат напад, а не одбрана“.
Русија и Белорусија официјално објавија дека 13.000 војници ќе учествуваат во вежбите „Запад-2025“, кои треба да започнат во петок, 12 септември, и да траат до 16 септември, но германските и литванските претставници проценија дека во нив ќе учествува поголем број војници, објави полската државна новинска агенција ПАП.
Белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин во август објави дека вежбите „Запад-2025“ ќе вклучуваат „планирање на употреба“ на нуклеарно оружје и балистички ракети „Орешник“.
Шефот на Бундестагот, генерал Карстен Бројер, минатата недела изјави дека во Белорусија се очекуваат околу 13.000 војници и околу 30.000 во Русија, додека литванските претставници проценија дека во вежбите ќе учествуваат околу 30.000 војници.
Бројер оцени дека нема знаци за подготовки за напад врз територијата на НАТО под покровителство на вежбите, но додаде дека германските и силите на НАТО ќе останат будни.