Илон Маск Фото: EPA-EFE/FRANCIS CHUNG / POOL

Политиките на Маск ја загрозуваат иднината на „Тесла“

Репутацијата на Елон Маск станува сè поконтроверзна, особено меѓу американските либерали, што, според нова научна студија, почнува да влијае не само врз продажбата на „Тесла“, туку и врз целокупната перцепција за електричните возила.

Истражување објавено во списанието Нејчр покажува дека политичката и јавна активност на Маск ја направила „Тесла“ пополаризирачки бренд отколку другите производители на електрични автомобили. Анкетите, спроведени од ноември 2023 до март 2025 година, откриваат дека либералите сè повеќе избегнуваат да купуваат Тесла, а некои и целосно ја губат заинтересираноста за електрични возила.

„Овој ефект се поврзува со негативните перцепции за Маск, особено поради неговиот премин кон поконзервативен јавен имиџ“, наведуваат авторите. Маск јавно го поддржа Доналд Трамп на 13 јули – денот на обидот за атентат врз поранешниот претседател – и подоцна донираше 277 милиони долари за поддршка на Трамп и други републикански кандидати.

По победата на Трамп, Маск беше именуван за шеф на новоформираниот Оддел за владина ефикасност (DOGE), од каде што отпушти илјадници вработени во федералните агенции, вклучувајќи ја и USAID. Некои експерти проценуваат дека кратењата во глобалните здравствени програми, особено за ХИВ/СИДА, довеле до десетици илјади смртни случаи.

Иако подоцна влезе во конфликт со Трамп и поднесе оставка од DOGE, штетата по угледот веќе беше направена. Продажбата на „Тесла“ во вториот квартал од 2025 година опадна за 13% на годишно ниво, а компанијата престана да прима нарачки за моделите „S“ и „X“ во Европа.

Авторите на студијата предупредуваат дека либералното отуѓување, заедно со непрекинатиот скептицизам на конзервативците кон електричните возила, може да го закочи целиот сектор.

„Маск не само што го загрозува својот бренд, туку и иднината на индустријата“, предупредуваат тие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот