
Политиката го изџвака, јавноста го исплука правосудството, а кој ќе го спаси?
Одговорноста за ужасно лошите перформанси на правосудството, спорeд аналитичарите, треба да се бара првo во политичарите, а потоа и кај самите судии и обвинители, кои имаат моќ, ама им ја предаваат на политичките елити кои управуваат со процесите и со реформите за свои лични или партиски интереси
Македонското правосудство, по години неуспешна реформа, конечно „го допре дното“ кај јавноста – измерена е историски најниска доверба и во судството и во обвинителството од само еден отсто на последната анкета на ИРИ.
Препорачано
Падот на довербата следеше по серија скандали во последните месеци, почнувајќи од застарувањето или повторувањето на повеќе судски процеси од висока корупција против поранешни високи функционери, преку постапките за избор на судии и обвинители како изборот на обвинителот за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, до случувањата во
Судскиот совет каде незаконски беше разрешена поранешната претседателка Весна Дамева. И тој еден отсто доверба е доведен во прашање по последниот голем скандал деновиве, првин со самата идеја на jавниот обвинител Љубомир Јовески да создава национален фронт за борба против корупцијата, па со експресното урушување на истиот тој фронт, откако Јовески ја прекина соработката со Антикорупциската комисија оти многу им се мешала во работата.
Калајџиев: Перцепцијата е едно, реалната состојба е друго
Анкетата на ИРИ покажа дека граѓаните не веруваат дека сите добиваат фер судење и дека сите во Македонија се еднакви пред лицето на правдата. Мнозинството не веруваат и дека функционерите од власта ги почитуваат законите во својата работа, а не веруваат и дека кога опозицијата би дошла на власт ќе ги почитува законите. Неодамна и амбасадори на влијателни држави кои се наши партнери, како САД и Холандија, испратија сериозни забелешки за работата на судството и на Судскиот совет, барајќи отчет за нивните потрoшени пари за нашите неуспешни реформи и инсистирајќи дека правната држава мора да профункционира. Сето ова укажува дека ситуацијата е крајно сериозна – ефикасноста на судовите не се зголемува, политичкото влијание не се намалува, а правдата на граѓаните им изгледа сѐ понедостижна.

Според аналитичарите, одговорноста за ужасно лошите перформанси на правосудството треба да се бара првo во политичарите, а потоа и кај самите судии и обвинители. Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека е „прашање за милион долари“ и за повеќе докторски дисертации потрагата по причините и решенијата за сегашната критична ситуација. Тој укажува дека ниската доверба потекнува од перцепцијата за состојбата во правосудството, а главен фактор за таа перцепција се популарните случаи каде што се процесираат високите функционери.
– Перцепцијата на јавноста за судовите се гради врз основа на тие популарни случаи од висок профил, случаи каде што има политички интерес, а во нив, секако, има и политички влијанија. Перцепцијата се гради врз основа на таквите случаи, а тие, пак, се во помал број од вкупните случаи. Реално, влијанието на политиката врз судовите е помало отколку што се мисли, но секако го има. Исто така, перцепцијата за судството е можно да се гради затоа што работата на судовите е јавна, секој може да ги види пресудите, процесите, неправилностите во постапката итн., за разлика од полицијата, каде се работи зад затворени врати, каде сешто може да се случи. Па сепак, јавноста денес има поголема доверба во полицијата и во МВР отколку во судовите, иако судиите имаат поголем морал и поизградена свест за право и правда отколку полицајците. Реалната состојба во правосудството, пак, е друга работа, различна од перцепцијата и за да се стекне увид во неа потребна е сериозна анализа и многу длабински истражувања – вели Калајџиев за „Слободен печат“.
Коцевски: Нема политичка волја за здраво правосудство
Според Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, дел од Блупринт групата на организации за реформи во правосудството, ниската доверба во правосудството е непосредна последица на отсуството на политичка волја помеѓу носителите на политичката моќ за воспоставување независен и ефикасен судски систем, кој ќе ги штити правата и интересите на граѓаните и ќе биде клучен актер во сузбивање и казнување на високата корупција и организираниот криминал.
– Очигледно политичките елити кај нас немаат намера да се откажат од моќта што ја има правосудството, а од другата страна, со чесни исклучоци, отсуствува организирана реакција и отпор на овие не секогаш суптилни притисоци. Секако, недовербата е од хроничен карактер и постои подолг временски период, но сепак сведоци сме на своевидна катарза, особено по случувањата во Судскиот совет и отсуството на правична судска разрешница за случаите со висока корупција кои ги водеше поранешното СЈО. Значителен фактор се и изневерените очекувања. Голем дел од граѓанството по промените од 2017 очекуваа и се надеваа на суштински реформи. Дел од законите и се променија но, сепак немаше суштествени промени – вели Коцевски за „Слободен печат“.

Според него, корените на проблемот можат да се бараат делумно и во начинот на кој се воспостави Судскиот совет во денешната форма со амандманите на Уставот од 2005 година.
– Иако намерите беа добри за Судскиот совет, како независно тело со мнозинство членови од судиите кое ќе ги избира и ќе ги разрешува судиите, сепак отсуството на одговорност и особено транспарентност во работењето го направи лесна мета на политичките елити. Оттогаш беа спроведени низа обиди за реформирање, меѓутоа ниту еден не беше успешен. Отсуството на искрена политичка волја особено се забележува при анализа на членовите на Судскиот совет, сегашни и поранешни, кои се избрани од Собранието. Иако Уставот бара тие да бидат избрани од редот на универзитетските професори по право, адвокати или други истакнати правници, од увид во биографиите на членовите во најголем дел се работи за лица чие професионално искуство не е на нивото неопходно за вршење на оваа одговорна функција – вели Коцевски.
Не можат да се ослободат од понизноста кон политиката
Професорот Калајџиев укажува дека бројот на непроцесирани предмети во правосудството е околу 50 отсто и тој број е огромен отсекогаш.
– Но, интересно е што тој дел не буди голем интерес кај јавноста, иако токму таму има голема можност за скриена, тајна амнестија на криминал, како и за корупција. Од оние предмети кои, пак, ќе стигнат на суд, во најголем дел се осудителни пресуди, а малку се ослободителни, односно судовите и судиите и натаму водат казнена политика, сега би рекол и дека е заострена таа казнена политика – вели Калајџиев.

Тој потенцира дека сега процедурите се почитуваат, односно заради практиката на Судот во Стразбур е надминат проблемот со поранешната строгост на судиите во постапката кога неретко не ги почитуваа правата на обвинетите при изведувањето на доказите или повикувањето на сведоците на одбраната, но сега судиите ја користат слободата на судското убедување и носат строги пресуди, без да го ценат степенот на докажаност на обвинението.
– Судиите сѐ уште го немаат изградено тој сенс дека тие повеќе го немаат товарот на докажувањето и товарот да осудат, дека не се тие борците против криминалот, не се „law enforcement“ туку само делители на правда. Односно, улогата им е да ценат дали обвинителот во фер постапка ја докажал вината на обвинетиот. Не е поентата во ефикасно пресудување на криминалци, туку во фер судска постапка, но вредносните системи не се менуваат преку ноќ. Исто е и со односот кон политиката, и тој вредносен систем не можат да го променат преку ноќ, односно, не можат да се ослободат од чувството на понизност кон политиката – вели Калајџиев.
Политиката, пак, освен реторика, не нуди ништо реално, додава професорот, според кого политичарите воопшто немаат желба да го намалат своето влијание врз правосудството.
– Напротив. Партиските поделби и натаму се на сила, па и етнички, па се избира кој е Македонец, кој е Албанец. Политичките влијанија и натаму се присутни, политичките елити одлучуваат. Кој ќе ја принуди политичката елита да ги тргне рацете од правосудството? Гледаме дека странците нешто се обидуваат, ќе видиме колку успешно – вели тој.
Укажува дека проблемите се системски и повеќеслојни. Како илустрација, вели, еден системски проблем е што не може во иста академија да се обучуваат и судии и обвинители и низ обуката да стекнат перцепција дека тие се едно исто, а адвокатите се странка. Ниту реформите не се целосно спроведени, додава Калајџиев, а како пример го наведува тоа што обвинителствата сè уште немаат истражни центри и истражители иако требаше, со цел да не се концентрирани сите истражни ресурси во МВР.
– Ако сѐ е во рацете на МВР, полицијата може под влијание на политиката да блокира некои истраги доколку се водат против актуелни моќници. Тоа е еден неимплементиран концепт, за што се виновни и самите обвинители. Тие како да не си ја знаат моќта што сега ја имаат и како да не сакаат да се размрдаат за да си ја земаат таа моќ. Дали е од незнаење, дали е од мрза, не знам, но знам дека степенот на одговорност и професионалност кај нас е на ниско ниво во многу области. Ние имаме ниска култура на вредности за владеење на правото, не се гради тоа преку ноќ – вели професорот.
Ни треба општествен договор за политика надвор од судството
Во врска со тоа дали има решение за надминување на состојбите, дали со ветинг, реизбор на судиите, кривичен прогон на корумпираните судии и обвинители или со нова реформа, или пак, идејата за правна држава е трајно уништена, Коцевски од Асоцијацијата на млади правници „лекот“ го гледа во нов начин на функционирање на Судскиот совет.
– Ветингот како предлог што мошне често беше (зло)употребен и недоволно разбран од дел од носителите на политички функции, може да се оствари во две форми, како генерален реизбор или како сеопфатна реевалуација. И двете форми беа применети во неколку држави од соседството, но, не ги дадоа очекуваните резултати. Напротив, како механизам во погрешни раце може да се злоупотреби.
Дополнително, имајќи го предвид сегашниот уставен поредок, генерален реизбор не е можен без измени на Уставот. Она што може и треба да се преземе е да се ревидира начинот на избор на членовите на Судскиот совет и особено да се воспостави ефикасна постапка за утврдување нивна одговорност.
Неопходно е членовите на Судскиот совет кои ќе бидат избрани од судиите, да мора да остварат одреден минимален процент гласови од вкупниот број судии од конкретната листа, за да имаат легитимитет да ги претставуваат. А членовите што ги избира Собранието треба да бидат пред сè универзитетски професори по право и адвокати, како и истакнати правници кои суштински се истакнале во професијата преку резултати во работата, објавени научни и стручни трудови и уживање на углед.
Понатаму, неопходно е начинот на избор да биде транспарентен со спроведување јавно интервју пред работното тело на Собранието на кое покрај пратениците би можеле да учествуваат и претставници од правните факултети, правничките професии и граѓанските организации.
Покрај начинот на избор, неопходно е и постоење ефикасна постапка за утврдување одговорност кај еден или повеќе членови на судскиот совет и нивно разрешување.
Сегашната постапка, иако постои на хартија, е неспроведлива ако предмет на постапката сѐ повеќе членови на Судскиот совет – вели тој.
Професорот Калајџиев вели дека за излез од состојбата е потребно време, односно, не може реформите да се истераат набрзина, како што се сакаше.
– Има процеси што се во тек, ама сето тоа е многу бавно, никој не ги турка. Идејата на експремиерот Зоран Заев за тело за реформи беше добра, ама Владата немаше трпение за да дочека резултат, сакаа решение набрзина, што не е можно. Реформата што треба да се направи е коренита, со проучување, со разговори и со академски и практични анализи. Академскиот дел од тоа тело за реформи тогаш си замина, останаа практичарите, судиите, односно послушничкиот апарат на власта во судството, чија структура секогаш е изградена од претседатели на судови, нивни заменици итн., кои на политичката елита ѝ обезбедуваат контрола. Тој апарат не е и не може да биде реформски, ако е послушнички. Исто, не може да се потпираме само со истражувања и анализи на невладините организации, потребни ни се сериозни научни анализи и истражувања. А анализи немаме – вели професорот Калајџиев.
Тој вели дека мора да се подготвиме за поглавјата 23 и 24 од преговорите за членство со ЕУ, да видиме каде треба да се доусогласиме со ЕУ-директивите, а каде ни се системските слабости.
– Проблемот не ни е палијативен, па да му дадеме итен и брз третман. Нам ни треба нов општествен договор дека политиката ќе ја избркаме од судството и со тоа ќе имаме ефикасна резултат за шест месеци. Клучно е политиката да се тргне, зашто мнозинството судии се океј, само што им е убиена волјата за работа – заклучува тој.

За третина од населението во ЕУ независноста на судството е лоша
Во 2022 година, според анализите на Еуростат, 53 отсто од жителите на ЕУ ја оценија независноста на судовите и судиите во нивната земја како „многу добра“ или „прилично добра“, што е за еден процент помалку од 2017 година. Перцепцијата за „многу лоша“ или „прилично лоша“ падна за еден процентен поен, од 36 на 35 отсто. Причина за лошата оценка на независноста на судовите и судиите е мешањето или притисокот од владата и политичарите.
Мислењето за независноста на судовите и судиите значително се разликува меѓу земјите-членки. Во Финска, Данска и Австрија мнозинството од испитаниците (88, 84 и 83 отсто) ја оценуваат независноста на нивните судови и судии како „многу добра“ и „прилично добра“. Ваква оценка имаат само за 21 отсто од испитаниците во Хрватска, 24 отсто во Полска и 25 отсто во Словачка.

Возраста, работниот статус, образованието и искуството со правосудниот систем имаат забележителен ефект врз перцепцијата за независноста на правосудниот систем. Во 2022 година, 59 отсто од испитаниците на возраст од 15 до 24 години во ЕУ дале добра оценка, во споредба со 50 отсто од испитаниците на возраст од 55 или повеќе години.
Вработените (59 отсто) имале поголема веројатност да дадат добар рејтинг отколку самовработените (52 отсто), физичките работници (51 отсто) или луѓето кои не биле вработени (51 отсто).
Колку подолго луѓето остануваат во образованието, толку е поголема веројатноста да ја оценат независноста на судовите и судиите како добра: 57 отсто од оние кои завршиле образование на возраст од 20 или повеќе години дале добра оцена, во споредба со 40 отсто од оние кои завршиле со образованието на возраст од 15 или помлади.
Испитаниците кои биле вклучени во судски спор има порамномерно распределени мислења за нивниот правосуден сустем меѓу оние кои го оцениле како добар (51 отсто) и лош (45 отсто) од оние кои не биле на суд (53 отсто добар, 35 отсто лош).