
Политика или импровизација: Македонија остана со в.д. дипломатија
Државата во моментов нема именуван амбасадор или конзул во 26 од педесетина дипломатско-конзуларни претставништва и тие се раководени од вршители на должност. За четири од нив, според МНР, веќе е во тек постапка за назначување, со што оваа бројка на испразнети амбасади ќе се намали на 22.
Половината од македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) низ светот во моментов се без именуван амбасадор или генерален конзул. Македонија, според она што е објавено на интернет страницата на Министерството за надворешни работи (МНР) има вкупно 51 ДКП од кои 43 се амбасади и конзулати во странски земји и 8 постојани мисии во меѓународни организации, а, како што велат од МНР, именуван амбасадор или конзул нема во 26 од нив. За четири од нив веќе е во тек постапка за назначување, со што оваа бројка на испразнети амбасади ќе се намали на 22.
Препорачано
Паралелно, од Министерството уверуваат дека „се водат разговори помеѓу МНР, Владата и Претседателот на државата, со цел да се дефинира поголема група шефови на ДКП-а, кои треба да ги пополнат испразнетите позиции во втората половина на оваа година.
– Во меѓувреме, сите дипломатско-конзуларни претставништва се адекватно пополнети со раководни, професионални дипломати, кои во својство на вршители на должност, ги извршуваат сите предвидени дипломатски активности сѐ до испраќањето на новите амбасадори и генерални конзули – велат од МНР за „Слободен печат“.
Од МНР не добивме одговор колку од ДКП-ата се раководени од вршители на должност, но, според неофицијалните информации, тројца од осумте амбасадори кои беа повлечени со указ на претседателката на државата по автентичното толкување на Законот за надворешни работи во Собранието според кое тие бие упатени без целосно завршена законска процедура, остануваат на амбасадорските позиции, но не како амбасадори туку како вршители на должност. Тоа се амбасадорите во Лондон – Катерина Ставревска, во Софија – Агнеза Руси и во Стокхолм – Џенк Сејфула. Од МНР не стигна официјален одговор за статусот на овие тројца амбасадори туку само куса информација дека „на сите амбасадори за кои беше утврдено дека се именувани спротивно на одредбите од Законот за надворешни работи, мандатот им е веќе прекинат, а во согласност со истиот закон, во соодветните дипломатско-конзуларни претставништва се поставени вршители на должност од редот на вработените во Министерството“.
Извори од МНР, сепак, информираат дека тие ќе бидат вршители на должност во наредните шест месеци и дека се работи за професионални дипломати чие отповикување морало да биде спроведено со автентичното толкување на Законот за надворешни работи. Професионалноста никој не им ја оспорува, но што значи симнувањето на нивното ниво.
Од МНР велат дека тие (а и дипломатите во други амбасади) иако не се вонредни и ополномоштени амбасадори кои акредитивите ги предаваат на шефот на државата домаќин, туку вршители на должност, ги имаат сите ингеренции за претставување на државата и потпишување на пример во името на Македонија. Тоа, според нив, воопшто не е спорно бидејќи причината за симнувањето на нивото била принципиелна. Оттаму потсетуваат и дека според Законот за надворешни работи, вршител на должност на ДКП назначува министерот за надворешни работи, доколку не е именуван шеф на мисијата.
Но, поранешни дипломати коментираат дека во случајов со тројцата амбасадори кои станаа вршители на должност, иако не е спорен нивниот квалитет сѐ наликува на импровизација која му штети на имиџот на државата.
– Ваквиот потег зборува доволно за нашата држава, да не речам дека е брука. Да се повлекуваат акредитирани амбасадори и да се испраќаат истите потоа на пониско ниво како да се обични државни службеници. Ако веќе сакаа да ги вратат требаше тоа да го направат веднаш по земањето на мандатот на новата влада. Тоа не е невообичаено и го прават и многу други земји – коментира поранешен дипломат.
Колку за потсетување, од осумте повлечени амбасадори, тројца се на половина од мандатот, а петмина беа во мисија само една година, но повеќето од нив беа професионални дипломати.
Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски вели дека во случајов се работи за професионални дипломати со извонредни знаења, но треба да се постави прашањето што е поважно – дали некоја постапка или да останат во служба.
– Неопходна е издржана кадровска политика и професионална дипломатија – додава Арсовски.
Повеќето од домашните дипломати со кои разговаравме се на ставот дека со назначувањето на досегашните амбасадори за в.д. амбасадори е свесно спуштање на дипломатското ниво и повеќе наликува на испраќање дипломати на испомош. Според нив, иако можеби формално нема разлика во ингеренциите, но реално вршителите на должност немаат ист третман во земјата домаќин.
– Ќе ја претставуваат државата, да, но не на доволно високо политичко ниво. Дефинитивно тоа е несериозен политички потег кон државата домаќин – велат нашите соговорници.
Дел од нив коментираат дека причината за ваквиот потег е политичка, но и резултат на финансиски и кадровски проблеми, посебно споменувајќи ја генерално екипираноста на нашите дипломатски претставништва.
Инаку, освен овие тројца, за вршители на должност се назначени уште две наши амбасадорки од редот на кариерните дипломати, но и на двете им истекува мандатот и се вражаат во ДКП-ата до избор на нови амбасадори.
Претходно, во јануари Владата именуваше четворица нови амбасадори. Нефрологот Игор Николов за Париз, Димитар Блажевски за Украина, Драган Ѓурчевски за Хрватска и Андријана Цветковиќ за Јапонија.
Во меѓувреме, остануваат испразнети амбасадорските места во Астана (Казахстан), Будимпешта, Ватикан, Доха, Каиро, Киев, Копенхаген, Париз, Токио, Тирана, Женева, Постојаната мисија во Њујорк, како и во конзулатите во Детроит и Солун.
Дополнително, освен во Хаг и Стразбур, завршија мандатите на амбасадорите во Талин, Атина, Загреб, а за кусо време и во Канбера.
И додека на ниво на Влада траат консултациите околу пополнување на испразнетите места, во јавноста се шпекулира со многу имиња за кои засега нема потврда.
Освен тоа, неофицијално се говори дека многу поранешни амбасадори, пратеници, партиски личности, професори… изразиле желба да пополнат некое од испразнетите места, некои од нив „искажале интерес“ за конкретни места, а некои би го прифатиле кое било амбасадорско место за што поранешен дипломат коментира дека „тоа не е ништо повеќе од желботека“.