Промоцијата и концертот ќе се одржат во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Поетско-филозофскиот манифест „Изработување мноштво“ на Гералд Рауниг ќе има промоција на фестивалот „Крик“

Фестивалот на критичка култура „Крик“ на 2 јуни, во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје организира концерт и промоција на книгата „Изработување мноштво“ на Гералд Рауниг.

Врз основа на седумнаесет концептуални иновации од неговата нова книга, Гералд Рауниг повторно го реформулира прашањето на револуционерното мноштво преку песна/музика и текст: од „ветровито сродство“ до „трансверзален интелект“, од „дисемблажа“ до „технекологии“, од „минорна мажественост“ до „кондивидуална револуција“.

Испреплетувајќи го поетското и музичкото со теориското згустување на современата филозофија, оваа серија перформанси експериментира со формат меѓу предавање и концерт, при што филозофот настапува како пејач и свири на електрично пијано.

За време на настанот, гостите ќе можат да ја набават и книгата „Изработување мноштво“ од Гералд Рауниг, преведена на македонски јазик од Жарко Трајановски.

„Изработување мноштво“ е поетско-филозофски манифест низ кој развива концепт за материјалистичката филозофија на мноштвото. Преку седумнаесет концептуални иновации – како што се „ветровито сродство“, „трансверзален интелект“, „дисемблажа“, „технекологии“, „минорно машко“ и „кондивидуална револуција“ – Рауниг повторно ја отвора прашалната форма за револуционерното моштво.

Тој тврди дека концептуалните и политичките експерименти со мноштвото околу и по 1968 година не отишле доволно далеку. Денес, анти-идентитетските, квир и мултитудинарни позиции не само што треба да се бранат, туку и радикално да се развиваат, надминувајќи ги досегашните пристапи и историски искуства. Книгата ги повикува читателите да размислуваат, читаат, пишуваат – и, вистински, да создаваат мноштва.

Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во Европскиот институт за прогресивни културни политики (EIPCP – European Institute for Progressive Cultural Policies/) како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на „Zürcher Hochschule der Künste“.

Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански, холандски, турски, а сега, во издание на „Контрапункт“, во едицијата „Пунктум“, која е дел од платформата „Крик“ – фестивал за критичка култура, и на македонски јазик.

Последните години значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.

Фестивалот за критичка култура „Крик“ е финансиски поддржан од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, Гете-институтот, Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, финансирана од Европската унија.

„Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs) е проект финансиран од Европската унија со цел поттикнување на дијалог на Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор за зголемен социо-економски ефект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот