
Поетот Славе Ѓорѓо Димоски направи поетска панорама на македонската винска поезија
Во издавачката програма на „Струшките вечери на поезијата“ од печат излезе панорама на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун“, која ја приреди Славе Ѓорѓо Димоски и на фестивалот имаше тривечерна промоција, а беше промовирана и во винарницата „Тиквеш“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Оваа е прва панорама на македонската поезија чиј фокус е алкохолот и литературата. Во светски размери вакви панорами и антологии ги има многу и различни составувачи тргнуваат од различен аспект на влијанието на алкохолот врз литературата и обратно. Во нив можат да се најдат најголемите имиња на светската литература што влегоа во легендата за пијанство и таа легенда е неразделна од нивното творештво. Некои од нив се Едгар Алан По, Сергеј Есенин, Џек Лондон, Дилан Томас, Ернест Хемингвеј, Жерар де Нервал, Рејмонд Карвер, Чарлс Буковски, Франсоа Саган и други.
Првичната замисла на авторот била да направи антологија на македонската боемска поезија, по примерот на повеќе европски култури. Но, по неколкумесечното истражување на македонската лирика дошол до заклучок дека нема „класична“ боемска поезија во македонската лирика која ги содржи основните одлики на боемството: формите на слободен, неконвенционален, неуреден кафеански живот, карактеристичен најмногу за уметниците, но има многу песни посветени на лозите, на виното, на ритуалот на здравицата итн.
Виното како врховник над сите видови алкохоли во оваа панорама го зазема централното место. Во духот на македонската традиција и македонското поднебје, кое е висококвалитетно тло за одгледување винова лоза и производство на квалитетни вина, поетите, повеќето од постарите генерации се свртени кон темите: лоза, лозје, вино и полека се свртуваат кон мотивот на сладоста на волшебната течност и кон романтичните претстави за крчмите, опивањата, бескрајните ноќи и неизбежните мамурлаци.
Овие мотиви се покарактеристични за поетите од втората и третата генерација и тука можеби ги има највисоките лирски изблици и дострели на тема боемија. Раскошот на оваа тема е растурен низ страниците на новата книга „Дионис и Свети Трифун“, која ја приреди поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)