
Поднесено обвинение против тројца за депониите во Вардариште
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против тројца за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Препорачано
Обвинетите, на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 до 2025 година вршеле откуп на старо железо, акумулатори и обоени метали на импровизирани пунктови, без регистрирано правно лице и без соодветни дозволи. Тие непрописно го оставале и транспортирале отпадот, со што создавале диви депонии, кои биле констатирани и при пожар на дел од локацијата. Според обвинителството, со ваквите постапки тие влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по здравјето на луѓето.
Јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети.
Во исто време, ОЈО Скопје продолжува со постапките за утврдување на причините за пожарот на Вардариште и издаде повеќе наредби за откривање на можни други сторители.
-Во финална фаза се и вештачењата поврзани со предметот против сопственичка и неформален сопственик на фирма од Шуто Оризари, кои подолг период складирале отпад без дозвола. На нивната локација на 9 јули изби пожар кој предизвика испуштање на чад, пепел и штетни гасови и сериозна опасност по здравјето на граѓаните – се вели во соопштението.
За пожарот на депонијата Дрисла, до овој момент, во обвинителството не е поднесена пријава од надлежните органи.