Урнатата настрешница во Нови Сад / EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Поднесено е обвинение против поранешниот министер Весиќ и уште 12 луѓе за падот на настрешницата во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, по завршувањето на истрагата, поднесе обвинение против 13 луѓе, меѓу кои и поранешниот српски министер за транспорт Горан Весиќ и поранешната директорка на српската Железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, за уривањето на настрешницата на влезот на железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 16 луѓе, пренесува Н1.

Со обвинението се опфатени тринаесетмина обвинети: Горан Весиќ, поранешен министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Јелена Танасковиќ, поранешна вршителка на должноста генерален директор на „Инфраструктура Железница Србија“ Анита Димовски, поранешна вршителка на должноста помошник-министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, како и Небојша Шурлан, поранешен генерален директор на „Инфраструктура железнице Србија“, меѓу другите.

Обвинети се и одговорниот проектант на градежната конструкција, главниот проектант на идејниот проект, главниот проектант на проектот за градежна дозвола, известител на Републичката ревизиска комисија, одговорно лице за техничка контрола на проектот за градежна дозвола, две лица одговорни за извршување на градежните работи и две лица одговорни за стручен надзор над извршувањето на работите.

Тие се товарат за кривични дела бидејќи овозможиле користење на јавен објект – станичната зграда на Железничката станица Нови Сад, крило Б, иако градежните работи биле во тек и за кои не била издадена дозвола за користење, за кривични дела поврзани со претходното неодржување на конструкцијата на станичната зграда и за кривични дела во фазата на проектирање и извршување на работите за време на реновирањето на зградата на Железничката станица Нови Сад.

Предложен притвор за сите обвинети

Во обвинителниот акт се предлага Вишиот суд во Нови Сад да одреди притвор за сите обвинети поради континуираните големи јавни немири што можат да го загрозат непреченото и правично водење на кривичната постапка. Во однос на некои обвинети, се предлага и притвор поради ризикот дека ќе го повторат кривичното дело.

За да се заштитат интересите на сите оштетени страни, во обвинителниот акт се предлага судот да им досуди имотни побарувања на овластените лица. Се предлага на сите обвинети да им се изрече мерката за безбедност забрана за вршење професии, дејности и должности, а сите обвинети да бидат обврзани целосно да ги надоместат трошоците на кривичната постапка.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад го поздравува „конструктивното учество на јавноста во овој случај“.

Дополнување на истрагата за „подобро разјаснување на работите“

Обвинението за уривањето на настрешницата веќе беше поднесено на 30 декември минатата година, а 13-темина имаа статус на обвинети. Меѓу другите, обвинението ги товареше Горан Весиќ, поранешниот министер за градежништво, и неговата помошничка Анита Димовски за тешки кривични дела против јавната безбедност. Во исто време, во обвинението беа вклучени и Јелена Танасковиќ, поранешната вршител на должноста директорка на „Инфраструктура Железница Србија“, како и Небојша Шурлан, човекот кого таа го замени како директор на оваа компанија.

Сепак, во април оваа година, кривичниот совет на Вишиот суд во Нови Сад го врати предметот на дополнување на истрагата, утврдувајќи дека „е потребно подобро разјаснување на работите за да се испита основаноста на обвинението“.

Дел од осомничените – осомничени и за корупција 

За потсетување, Весиќ, Димовски и Шурлан се вклучени и во истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал (ТОК) во врска со сомневањето дека буџетот на Србија е оштетен за 115 милиони долари во проектот за реконструкција на железницата од Нови Сад до унгарската граница. Во оваа истрага е вклучен и претходникот на Весиќ како министер за транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ.

На Момировиќ и Весиќ првично им беше одреден притвор до 30 дена, но судот ја поништи таа одлука и ги испрати во куќен притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот