Под мотото „Слободата живее тука“ во Битола ќе се одржи јубилејното 25. издание на Фестивалот на монодрамата

Фото: Васка М.Младеновска/Слободен печат

Со музичкиот спектакл „Глумците пеат“ свечено ќе биде отворен 25. по ред издание на Интернационалниот Фестивал на монодрамата кој од 25 до 31 мај, традиционално ќе се одржува во Битола во организација на Центарот за култура.

Фестивалот на монодрамата го слави исклучиво актерот, рече на денешната прес-конференција директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска-Илијевски.

Мотото на годинашното јубилејно издание на фестивалот е „Слободата живее тука”.

-Интересен податок за публиката е што ако после короната и затворените граници, имаше хипер продукција на монодрами, направивме и македонски фестивал и имавме безброј претстави што сакаа да бидат дел од фестивалот, оваа година фестивалот застана на своето вообичаено темпо што значи дека се работат помал број на монодрами, но, она што годинава ќе има можност публиката да го погледне е навистина со исклучителен квалитет. Ова е Фестивал којшто покажа и докажа дека монодрамата како театарска форма е мошне значајна за актерот. И мотото на Фестивалот „Слободата живее тука” е една директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените- рече директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски.

Годинава, публиката ќе има можност да погледне две монодрами од Македонија, Хрватска, Србија, Турција, Грција, Бугарија, Ерменија, Казахстан и од Обединетите Арапски Емирати.

-Годинава имаме исклучителна продукција на монодрами кои убеден сум дека ќе го задоволат вкусот на театарската публика. Од македонските претстави публиката ќе има можност да ги проследи монодрамата на Здравко Стојмиров во продукција со Битолскиот Народен театар „Фетишист” и претставата на продукцијата „Охо” со актерот Игор Ангелов во режија на Дејан Пројковски. Годинава, имавме претстави кои за жал од оправдани причини не беа во можност да гостуваат како театарот од Тунис кои имаа проблем со визата а имаа извонредна претстава и еден германски актер којшто имаше феноменална монодрама но, доби голема улога во филмска продукција и со жалење ни се извини дека нема да биде во можност да присуствува поради поклопување на термините-рече на денешната прес-конференција, селекторот на Фестивалот на монодрамата, актерот Петар Мирчевски.

Љупка Коларова-Пајевиќ која цели 25 години е стручен соработник и во организацијата на Фестивалот на монодрамата вели дека фестивалот низ годините имал свои подеми и падови.

-Во 1999 година го започнавме фестивалот во тогашниот Дом на културата во Битола. Фестивалот во изминатите 25 години доживувал и подеми но, и падови, но, сепак и публиката е желна која ги полни театарските сали за време на одржувањето на Фестивалот. Минатата година она што им го ветивме на публиката оваа година ќе го оствариме.Сакавме монодрамата да ја воведеме како жанр сакавме да ја збогатиме и литературата и културата во Македонија со македонски текстови. Благодарение на директорката Маја Андоновска-Илијевски повторно го распишавме конкурсот со средствата што ги добивме од Министерството за култура и се надевам дека ќе бидат задоволни и публиката и книжевните кругови и на крај актерите и драматурзите коишто ќе можат да црпат секогаш од тоа творештво- Коларова-Пајевиќ.

Жирито на Интернационалниот Фестивал на монодрамата ќе го сочинуваат: режисерката Зоја Бузалковска, актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Мазур која цели 25 години е дел од Фестивалот.

Фестивалот ќе има и офф програма која ќе биде организирана на повеќе локации во Битола. По свеченото отворање на Фестивалот, ќе биде организирана промоција на книга на монодрами, во која се испечатени наградените монодрамски текстови на Конкурсот што беше распишан минатата година од Центарот за култура. Ќе биде издадена и монографијата „25 години Фестивал на монодрама“. На Широк Сокак кај Офицерскиот дом во Битола ќе настапи перформер во делот предвиден за најмладите. Во офф програмата ќе настапат од „Статуа фест” и на четири локации на Широк Сокак, битолчани ќе имаат можност да погледнат како изгледаат живи статуи.

Фестивалот на монодрамата доби финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот