
Почна конститутивната седница, Со 115 гласови „ЗА“, Шахпаска избрана за претседател на Верификационата комисија на Собранието (ФОТО)
Дезинфициенси, мерење на температура и забрането движење по собраниските ходници се само дел од здравствените мерки препорачани од Комисијата за здравство.
Препорачано
Седницата на десеттиот парламентарен состав започна со задоцнување од половина час. Претходно следеше координација кај спикерот Талат Џафери, кој ја води денешната собраниска конститутивна седница. На седницата се присутни 117 пратеници, а за дневниот ред гласаа 116, еден беше воздржан. Во моментов пратениците се на пауза.
Според собранискиот Деловник откако е избрана Верификационата комисија ќе се верификуваат мандатите на 120-те пратеници, по што ќе следи избор на членовите на Комисијта за избори и именувања. На дневниот ред на седницата се четири точки.
Првата е избор на претседател и членови на Верификационата комисијата на Собранието; Втората, верификација на мандатите на пратениците; Tретата, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и четвртата точка, избор на претседател на Собранието.
Во Собранието денеска на првата конститутивна седница се гласаше за избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија. Вкупно гласаа 117 пратеници. „За“ гласаа 115 пратеници, „Против“ нема, „Воздржани“ двајца пратеници. За претседател на Верификационата комисија на Собранието е избрана Јагода Шахпаска, а за членови се избрани пратениците Изет Меџити, Благица Ласовска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шахини.
На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.