Илустрација/Фото: Freepik

Почна да се реализира најконтроверзниот проект на 21 век: Англичаните создаваат вештачки човечки геном

Во Велика Британија започна работата на еден од најамбициозните и најконтроверзните научни проекти во областа на генетиката – создавање вештачки човечки геном од нула, што, според експертите, е првиот ваков потфат во светот.

Овој проект, кој досега не беше можен поради етички и социјални проблеми, вклучувајќи ги и стравувањата од појава на таканаречени „дизајнирани бебиња“ и непредвидливи последици за идните генерации, сега добива поддршка од најпрестижната британска фондација, „Wellcome Trust“, која обезбеди десет милиони фунти за да ја започне работата, пишува денес „Би-би-си“.

Еден од научниците вклучени во проектот, д-р Џулијан Сејл од Лабораторијата за молекуларна биологија на Советот за медицински истражувања во Кембриџ, изјави за „Би-би-си“ дека ова е голем чекор во биологијата.

„Целта е да се развијат терапии што ќе овозможат поздраво стареење, намалена инциденца на болести и регенерација на оштетените органи, како што се црниот дроб, срцето, па дури и имунолошкиот систем“, рече д-р Сејл.

Проектот, наречен „Синтетички човечки геном“, е дел од поширока иницијатива што се развива 25 години по завршувањето на човечкиот геном, голем меѓународен потфат што овозможи „читање“ на целосниот запис на човечката ДНК.

За разлика од работата во тоа време, новата фаза вклучува креирање на ДНК секвенци целосно од нула, молекула по молекула, со цел еден ден да се изгради цел човечки хромозом.

Директорот на Институтот Велком Сангер, професор Метју Херлес, рече дека проектот ќе овозможи проверка како навистина функционира ДНК, што досега беше можно само со модифицирање на постоечкиот генетски материјал.

Сепак, проектот предизвика загриженост кај експертите и пошироката јавност, а критичарите предупредуваат дека технологијата може да се злоупотреби – од обиди за создавање понапредни луѓе до развој на биолошко оружје.

Слично предупредување издаде и професорот Бил Ерншо од Универзитетот во Единбург, кој изјавил дека „доколку организацијата има пристап до потребната опрема, речиси е невозможно да се спречи да синтетизира што и да сака“.

Прашањето за сопственост на сите создадени вештачки биолошки единици, како и податоците што произлегуваат од нив, е исто така предмет на дебата.

„Веруваме дека е подобро одговорно да се развива оваа технологија, со отворена дискусија за етичките и моралните прашања, отколку да се остави нејзиниот развој непроверен“, заклучи д-р Том Колинс од Фондацијата Велкам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот