
Почина познатиот актер Дејвид МекКалум
Познатиот актер Дејвид МекКалум, кој стана една од најголемите телевизиски ѕвезди во 1960-тите играјќи го рускиот шпион Илја Курјакин во „The Man from U.N.C.L.E.“, почина на 90-годишна возраст.
Препорачано
МекКалум ја освои поновата генерација на обожаватели со улогата во популарната серија „NCIS“.
Актерот починал пред два дена од природна смрт во презвитеријанската болница во Њујорк, опкружен со своето семејство, соопшти „Си-би-ес“ (CBS News).
„Тажни сме поради смртта на Дејвид МекКалум и привилегирани што „Си-би-ес“, беше неговиот дом толку многу години. Дејвид беше надарен актер, писател и сакан од многумина ширум светот. Водел неверојатен живот, а неговото наследство засекогаш ќе живее преку неговото семејство и безбројните часови на филмот и телевизијата, кои никогаш нема да исчезнат“, се вели во соопштението.
Роден во Шкотска, син на двајца музичари, тој имаше актерска кариера која се протегаше седум децении, а датира од неговите студентски денови во 1950-тите на лондонската Кралска академија за драмска уметност, каде што една од неговите соученици била ѕвездата Џоан Колинс.

Својата кариера ја започна со споредни улоги во голем број британски филмови, вклучувајќи ја и „A Night to Remember“ (1958), каде што го играше Харолд Брајд, радио оператор на Титаник.
Тој го привлече вниманието на американската публика со неговата мала, но клучна улога како еден од заробениците што планира масовно бегство од германски затворски логор во класиката „The Great Escape“ од 1963 година.
МекКалум гостуваше и во бројни американски ТВ серии, а во 1964 година се појави во шпионската серија „U.N.C.L.E.“ со американскиот актер Роберт Вон.