
Почина актерката Тери Гар, ја глумеше мајката на Фиби во популарната серија „Пријатели“
Актерката и пејачка Тери Гар, најпозната по улогите во „Младиот Франкенштајн“ и „Тутси“, како и по улогата на мајката на Фиби Буфе во серијата „Пријатели“, почина по долга борба со мултиплекс склероза. Таа имаше 79 години, пишува „Вараети“.
Препорачано
Имено, во 2002 година актерката откри дека ѝ е дијагностицирана мултиплекс склероза, а во 2006 година доживеа и аневризма.
Гар беше познато лице во десетици телевизиски серии и филмови во 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Откако ја започна својата кариера како танчерка, Гар прво го привлече вниманието како Инга, дрската асистентка во филмот на Мел Брукс од 1974 година „Младиот Франкенштајн“.
Во „Блиски средби од трет вид“ на Стивен Спилберг, таа ја играше Рони Нири, сопругата на Рој Нири, кој го игра Ричард Драјфус. Таа заработи номинација за Оскар за споредна женска улога наспроти Дастин Хофман во филмот „Тутси“ од 1982 година во режија на Сиднеј Полак.
Таа е родена во Охајо, но се преселила во Лос Анџелес, каде што дипломирала на средното училиште во Северен Холивуд пред да се пресели во Њујорк да студира глума. Во текот на 1960-тите, таа имаше мали улоги во ситкоми, вклучувајќи ги „Таа девојка“, „Бетмен“ и „Шоуто на Енди Грифит“. Нејзината прва голема улога беше во филмот „Глава“, за кој сценариото го напиша Џек Николсон, кого го запозна на час по глума.
Таа стана редовна пејачка и танчерка на „Шоуто на Сони и Шер“ пред да добие улога во „Разговорот“ на Френсис Форд Копола. Гар работеше со многу од најважните режисери на ерата. Покрај Брукс, Спилберг, Полак и Копола, таа работеше и со Мартин Скорсезе и Роберт Алтман . Нејзините бројни ТВ улоги беа и во сериите „M*A*S*H“, „Стариот пар“, „Пријатели“ и др. Во „Пријатели“, таа ја играше Фиби Абот, биолошката мајка на Фиби Буфе, во три епизоди во 1997 и 1998 година.