
По тешка битка со болеста: Почина гитаристот Дејан Божиновски, колегите се простуваат со емотивни зборови
Македонската музичка сцена тагува поради загубата на гитаристот Дејан Божиновски, кој почина вчера по долга и тешка борба со ракот. Божиновски беше познат и сакан меѓу бројни музичари и пејачи.
Препорачано
Пејачот Филип Јордановски, негов долгогодишен пријател и колега, се прости од него на социјалните мрежи.
„После долга битка со злото, не напушти, Деки. Мојот другар, пријател, гитарист, фотограф… ангелска и искрена душа. Живееше за музиката, гитарата и се радуваше на секоја свирка која ја имавме заедно… едноставно уживавме. Ширеше позитива насекаде, беше и ќе остане единствен! Твојата душа го заслужува најубавото место во рајот… секогаш ќе бидеш присутен во секоја отпеана песна, отсвирен акорд, жива свирка. Почивај во мир, другар, сочувство до семејството“, напиша Јордановски.
Со подеднакво силни и емотивни зборови, од својот пријател се прости и пејачката Ана Петановска.
„Деко – дефиниција за најдобар другар и вистинска несебична љубов, најчистата душа. Се лутам многу што немаме повеќе време на земјава да те зезам и да те замарам да свириме блуз (знам дека сакаше и ти!). Ќе имаме шанса да се видиме пак, верувам, и ќе се пресметаме кој повеќе пиво ќе испие… засекогаш ќе те обожавам, спомените не заминуваат, а ти ишшармирај ги горе како што правеше и тука… Нека ти е светол патот, другарче драго. Свети најсилно“, напиша таа.