
По шеесет години ќе се реновира објектот на Специјализираната болница – Нефрологија во Струга
Објектот за подолг престој на Специјализираната болница-Нефрологија во Струга првпат по шеесет години ќе биде реновирана и обезбедена опрема за кислородна поддршка на пациентите. Со поставување на соларни колектори и фотоволтаичен систем ќе се обезбеди енергетска ефикасност на објектот за подолг престој, за да може да се користи во текот на целата година, со што капацитетот се зголемува од 200 на 1000 пациенти годишно.
Препорачано
Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов денеска беше во посета на болницата. Информираше дека Министерството со поддршка на швајцарската Влада обезбедија средства во износ од 20,5 милиони денари за реновирање и опремување на болницата.
Установата учествува и со сопствени средства во износ од 3,6 милиони денари. Оваа Влада вложува во граѓаните, во подобрувањето на услугите и во условите за живеење. Граѓаните се тие кои што плаќаат даноци, а наша должност е тие пари да ги вратиме назад за она што навистина им е потребно, рече Пенов.
Вкупниот буџет на проектот е 24.134.166 денари, од кои 11.324.000 ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, а 9.200.000 швајцарската Влада.
Се инвестира во централен систем за дистрибуција на кислород во три сали за хемодијализа и во три соби наменети за интензивна нега. Реконструкцијата на одделот за „холидеј дијализа” има за цел да овозможи користење на објектот за „холидеј дијализа”, во текот на целата година, од страна на социјално ранливи категории на граѓани.