
По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби Националната галерија го претстави инклузивниот проект „Инсекти“
Националната галерија како одговорна институција повеќе години наназад креира креативни проекти каде младите од повеќе скопски училишта, ученици со или без хендикеп, работат заедно, односно создаваат уметност.
Препорачано
Во проектот со наслов „Инсекти“ оваа година беа вклучени учениците од гимназијата „Никола Карев“, пaралелка на меѓународна матура од „Јосип Броз Тито“ и ученици од училиштето за деца со оштетен слух и говор ДУЦОР „Партеније Зографски“, единствено од овој тип во нашата држава.
– Оваа година како предизвик беше графиката како ликовно подрaчје, техника сува игла. Учениците имаа ретка и несекојдневна можност за оваа доста атрактивна графичка техника да научат нешто ново од тимот професори и асистенти од Факултетот за ликовни уметности – Скопје (УКИМ). Со нивна асистенција тие прво учеа како со игла се реже цртежот, а потоа графиките да бидат испринтани во амбиентот на самиот факултет. Нивното графичко изразување беше со тема инсекти, што ја покажува нивната грижа и интерес кои инсектите и природата, воопшто.
Последните истражување се многу загрижувачки, бидејќи покажуваат многу видови кои се во опаѓање, а како причини има многу, но климатските промени се јавуваат како главен фактор. Оттаму, темата која учениците ја работеа беа и оние видови пеперутки или бубачки кои се токму во категорија на исчезнување, а со тоа се подигнува јавната свест за истите и се избегнуваат поголеми катастрофи. Можеби сите не ги сакаат инсектите, но вистината е доколку тие исчезнат тоа ќе предизвика еколошки хаос и исчезнување на храната за сите живи битија на нашата планета – истакнува едукаторот Маја Димитрова од Националната галерија.
Завршниот резултат на проектот од 24 декември е претставен во објектот „Мала станица“ при Националната галерија. За поддршката во реализацијата на инклузивната работилница и изложбата, Националната галерија изразува благодарност на помагателите ЕДС, „Енерџи деливери солушн“ и „Ибис Хотел“, „Сити Центар“.