
По истекот на мандатот на Вангелина Маркудова, Уставен суд повторно ќе кубури за кворум
Откако пред еден месец Собранието ги избра Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер за нови уставни судии, кои тогаш пополнија две од четирите испразнети места, идната недела по истекот на мандатот на Вангелина Маркудова, конституционалниот суд повторно ќе биде без тројца од вкупно девет члена.
Претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска и во новата година ќе апелира судот да функционира во полн состав, односно, како и годинава, ќе се обраќа до Собранието и до Судскиот совет со апели и замолници да си ја завршат обврската, односно да предложат и да изберат нови уставни судии.
Препорачано
Извесно е дека Уставниот суд од среда повторно ќе работи со речиси преполовен кворум, односно од предвидените девет ќе треба да одлучува само со шест судии, бидејќи на судијката Вангелина Маркудова ѝ истекува мандатот. Не е прецизирано кога ќе продолжи со работа собраниската Комисија за избори и именувања за предлогот државниот обвинител Љубомир Јовески да биде избран за нов уставен судија и кога на нова седница ќе има нов предлог за судија ниту, пак, кога „обезглавениот“ Судски совет ќе излезе со свој предлог за уставен судија. Јасно е само дека до крајот на годината Уставен не ќе може да се комплетира.
Откако пред еден месец Собранието ги избра Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер за нови уставни судии, кои тогаш пополнија две од четирите испразнети места, идната недела по истекот на мандатот на Маркудова повторно судот ќе кубури за кворум оти ќе остане без тројца судии.
Уставен суд завчера повторно апелираше и до Собранието и до Судскиот совет да се изберат тројца уставни судии. На местото на Маркудова предлог за нов уставен судија треба да дојде од страна на Судскиот совет, односно тој да биде избран од редот на судиите. Во Собранието останува заглавен изборот на Јовески, а постапката за избор на уште еден судија не е ни почната.
Претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, за „Слободен печат“ вели дека продолжението на седницата ќе биде по завршувањето на комисиската расправа за буџетот, но не одговори зошто по изборот на двајцата судии, на 31 октомври, ниту еднаш не заседаваше Комисијата за изборот на Јовески.
– Во тек е постапката за буџетот. Додека трае расправата за буџетот, не се закажуваат други комисии. Кога ќе завршиме, ќе продолжи работата на другите работни тела – вели Георгиевска.
Ова значи дека до средината на декември Комисијата нема да заседава. Не добивме одговор дали е почната постапката за избор на нов уставен судија на предлог на Собранието.
Ништо не е подобра ниту ситуацијата во Судскиот совет, на чиј предлог треба да биде избран еден уставен судија, особено откако претседателката Павлина Црвенковска во понеделникот поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Пред оставката на Црвенковска, најавите од Судскиот совет беа дека седницата за предлог за уставен судија требаше да се одржи кон крајот на ноември. Извор од Советот вели дека по оставката на претседателката, таму се случува вистински хаос и дека никој не може да прецизира кога ќе биде закажана седницата, но дека е јасно оти тоа нема да се случи до 7 декември кога истекува мандатот на уставната судијка Маркудова.
В понеделник е закажана седница на која треба да се констатира оставката на Црвенковска и избор на нов претседател на Судскиот совет. И во случај поради приоритет Судскиот совет до среда да закаже седница за предлог на уставен судија, во никој случај не можат да се запазат роковите, бидејќи предлогот на Советот треба да помине во Собранието.