карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

По два месеца „борба“ околу конзерваторското мислење: Надлежните без одговор дали Воена болница е заштитен споменик или не

Доколку овој објект не е заштитен споменик како што тврди Јакимовски, тогаш зошто беше потребно конзерваторско мислење, зошто реагираше Министерството за култура, зошто се поништуваше издаденото конзерваторско мислење, се прашања на кои ниедна институција досега не одговара.

Ниту Конзерваторски центар, ниту Управата за заштита на културно наследство, ниту Министерството за култура не одговараат дали навистина објектот Воена болница не е заштитен споменик, откако два месеца во јавноста се чекаше дали ќе се поништи позитивното конзерваторско мислење за изградба на 17-катницата или не и дали ќе запре изградбата на овој објект.

Скопскиот Конзерваторски центар мислењето го поништи уште на 21 февруари со образложение дека „не е во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење („Службен весник на РМ“ бр. 109/16)“. Претходно и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, потврди дека во извештајот на работната група што вршела надзор од формално-правен аспект врз издаденото конзерваторско мислење од Конзерваторски центар е нотирано дека издадено решение не е во согласност со правилникот по Законот за заштита на културното наследство.

Зграда Карпош/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Но, на последната седница на Советот на Општина Карпош, на советничко прашање дали Секторот за урбанизам веќе поднел жалба на поништеното конзерваторско мислење и доколку не, што ќе преземе Карпош сега кога таа одлука е правосилна, градоначалникот Стевчо Јакимовски посочи дека Воена болница воопшто не е споменик под заштита.

Од Управата за конзерваторски работи ми стигна допис дека за објектот Воена болница или „8 Септември“ како денеска што се вика, нема акт со кој тој објект е ставен под заштита на државата – тврди Јакимовски.

Во регистрите за недвижни добра и за недвижни добра под привремена заштита јавно објавени на веб-страницата на Управата за заштита на културно наследство, не е наведен објектот на Воена болница. Но, доколку овој објект не е заштитен споменик, тогаш зошто беше потребно конзерваторско мислење, зошто реагираше Министерството за култура, зошто се поништуваше издаденото конзерваторско мислење -се прашања на кои ниедна институција досега не одговара.

Притоа, ни градоначалникот Јакимовски јавно не го објави дописот што го споменува, ниту има одговор од Општина Карпош дали ова значи дека нема никаква пречка за изградбата на 17-катницата, која предизвика многу реакции и протести во јавноста.

карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Сепак, активистите не се откажуваат од својата борба против изградбата. Од „О2 иницијатива“ вчера до пратениците поднесоа предлог за измена на Законот за заштита на културно наследство.

Поради сериозни злоупотреби и сериозна штета што секојдневно се акумулира со изградбата на комплексот на згради, т.н. 17-катница, во заштитеното подрачје на привремено заштитеното добро Споменик Воена болница-Скопје, поднесовме предлог-измени на Законот за заштита на културното наследство до сите пратеници. Предложените измени ги регулираат недореченостите во Законот, правните празнини, непредвидените ситуации на поништени одобренија и конзерваторски мислења и ја разрешуваат колизијата помеѓу различни членови на Законот – соопштија од Иницијативата.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Оттаму потсетуваат дека иако Конзерваторскиот центар на 21 февруари годинава го поништи незаконски издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8 ноември 2023 година, кое беше услов за издавање на одобрението за градење 17-катница, градоначалникот Јакимовски и надлежните во Општината не постапуваат по службена должност и не го поништуваат одобрението за градење издадено на „ЗСФ-КОМ“ на Фатмир Етеми и „ДЕЛТА 2015 констракшн“ на Орце Камчев.

Моќниците ни владеат со државава, дали пратениците ќе ги заштитат со неносење на предложените законски измени или ќе го заштитат јавниот интерес и културното наследство и ќе ги донесат овие измени, ќе видиме до крајот на месецов кога им завршува нивниот мандат – посочуваат од „О2 иницијатива“.

Советничката од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ Татјана Стојановска вели дека иако Општината е известена за поништување на позитивното конзерваторско мислење, не го поништува одобрението за градба со различни образложенија. Последното е одговорот на градоначалникот на советничко прашање дека Воена болница не е заштитен споменик.

Ова никако не го објаснува моментот дека за одобрението за градба беше потребно позитивно конзерваторско мислење, и дека по автоматизам, од Законот за управни постапки, одобрението за градба што се темели на него, мора исто така да биде поништено – вели Стојановска.

Започна продажба на станови во 17-катницата во Карпош, од Општината и натаму молчат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот