
По десетмесечната истрага, денеска нов обид за почеток на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница
Во Основен суд – Тетово по два не успешни обиди денеска во десет часот треба да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, а имаше и десетина повредени лица.
Препорачано
По речиси десетмесечната истрага, почетокот на судењето најпрво беше закажано за 6 септември, па се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено за денеска, 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите дојдоа на судењето без адвокати.
Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.
Тетовското Обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик – стои во соопшението од Обвинителството.