Фото: Приватна архива

Пленковиќ и Орбан ја спуштија топката: Хрватска е спремна да ја снабдува Унгарија со нафта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Унгарија сака поевтини извори на енергија, ја смета Хрватска за стратешки партнер и е посветена на деескалација и на меѓусебно почитување.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и неговиот унгарски колега Виктор Орбан денеска се сретнаа на самитот на европските лидери во Копенхаген, откако во изминатите денови меѓусебно се обвинуваа околу транспортот на сурова нафта преку хрватскиот нафтовод ЈАНАФ.

Орбан првин објави дека се сретнал со Пленковиќ, нагласувајќи дека интерес на неговата влада е да обезбеди што поевтини извори на енергија за унгарските домаќинства и компании. Тој порача и дека Унгарија ја гледа Хрватска како историски стратешки партнер и дека „секогаш ќе ѝ укаже заслужено почитување“, објави хрватски „Индекс“.

„Токму завршив средба со премиерот Андреј Пленковиќ. Интерес на унгарската влада е да обезбеди што е можно поевтини извори на енергија за унгарските компании и домаќинства. Хрватска е историски стратешки партнер на Унгарија и Унгарија секогаш ќе ѝ укажува на Хрватска историски заслужено почитување. Посветени сме на деескалација на тензиите и обезбедување на највисоко ниво на меѓусебно почитување,“ напиша Орбан на социјалната мрежа „Икс“.

Пленковиќ: Хрватска е подготвена да ја снабдува Унгарија со нафта

Се огласи и премиерот Андреј Пленковиќ кој истакна дека Хрватска е спремна да ја снабдува Унгарија со нафта.

„На маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген разговарав со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ја истакнав подготвеноста на Хрватска да ја снабдува со нафта рафинеријата во Унгарија преку нафтоводот на ЈАНАФ. Повторно ги отфрлив тезите дека Хрватска настојува да профитира од војната во Украина со зголемување на транспортните цени. Напротив, користејќи ја улогата на регионален енергетски центар, Хрватска сака на своите соседи да им овозможи алтернативен снабдувачки правец наместо купување енергенси од Русија. Во духот на добрососедските односи сакаме да ги решаваме отворените прашања,“ објави Пленковиќ на „Икс“.

Пораките доаѓаат по една недела заострени односи

Пораките на Орбан и на Пленковиќ дојдоа по неколку дена заострени односи меѓу Загреб и Будимпешта.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја обвини Хрватска дека „профитира од војната“ во Украина, наплатувајќи превисоки транзитни такси за транспорт на нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ). Тој тврдеше и дека хрватската инфраструктура нема доволен капацитет да обезбеди потребни количини на нафта за Унгарија и за Словачка.

Премиерот Андреј Пленковиќ ги отфрли тие тврдења, нагласувајќи дека Хрватска не е воен профитер, туку енергетски центар на Европа, со капацитет да ги покрие потребите на соседните држави.

Тој истакна дека транзитните цени се во согласност со европските правила и меѓународните стандарди.

Орбан го смири тонот на самитот, порачувајќи дека Унгарија не сака судир со Хрватска, иако и понатаму смета дека цените се превисоки.

Туск: Тоа е наша војна, и ако Украина изгуби, тоа е наш неуспех

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот