Платформата „Глеј“ излезе на Македонска берза- првата македонска компанија за стриминг ќе се докапитализира

Според основните информации, бројот на акциите што се запишуваат е 200.000, продажната цена на една акција е 600 денари, иницијален датум на запишување е 25 јуни, а последен датум за запишување е 25 август годинава

Денес во 9 наутро, првата македонска компанија „Свод Мастер“, која управува со стриминг платформата „Глеј“ излезе на Берзата, соопшти Дарко Перушевски, еден од основачите на компанијата и извршен директор. Целта, според Перушевски е преку продажба на хартии од вредност да се докапитализираат. Платформата постои четири и пол години и веќе има 25.000 корисници, а до 2030 година, целта им е таа бројка да се зголеми на 100 илјади активни кориници. Досега, платформата има половина од корисниците на гигантот „Нетфликс“, а 10 отсто од нивните корисници се од дијаспората, што според Перушевски ја докажува потребата на македонски и албански јазик да се пласираат актуелни содржини.

Компанијата претходно го објави проспектот за иницијална јавна понуда на акции, преку која ќе се обиде да собере 120 милиони денари (1,95 милиони евра). Според основните информации, бројот на акциите што се запишуваат е 200.000, продажната цена на една акција е 600 денари, иницијален датум на запишување е 25 јуни, а последен датум за запишување е 25 август годинава. Јавната понуда ќе биде преку модел на минимална цена со примена на принципот на приоритет на налози со повисока цена и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот.

Собранието на „Свод Мастер“ на 22 јануари 2025 година, донесе одлука да емитува иницијална јавна понуда на акции преку Македонска берза.

-Ова ќе биде и првата ИПО на домашната берза од компанија, која преку постојано унапредување и развој на дигиталните услуги, ја задржува својата висока конкурентност на пазар кој глобално бележи раст – соопшти Перушевски. Процесот за подготовка на друштвото за котирање на берзата почнал во текот на 2024 година со трансформација на „Свод Мастер ДОО “ во акционерско друштво.

-Во изминатите години, преку континуиран раст успеавме да влеземе во повеќе од 80.000 домови, ја обединивме речиси цела македонска филмска и сериска програмска понуда, понудивме многу детски наслови синхронизирани на мајчин јазик и воспоставивме широка покриеност на уреди преку кои може да се пристапи до програмскиот каталог на „Глеј“, кој брои над 2.600 часови програма – посочи извршниот директор на „Свод Мастер АД“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот