Никола Груевски / фото: Фејсбук

„Пламнаа“ становите на Груевски на „Бихаќка“, нема интерес за многу поскапите апартмани на Водно

Државата планира вкупно да инкасира околу 2,5 милиони евра од петте станови на поранешниот премиер, од кои три се апартмани во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно

Дел од имотот на поранешниот премиер Никола Груевски е продаден вчера на наддавање што го распиша Агенцијата за управување со одземен имот, како дел од судскиот предмет „Плацеви на Водно“. На продажба беа понудени пет стана, два на улицата „Бихаќка“ и три луксузни апартмана на Водно.

Како што информираат за „Фокус” од Агенцијата за управување со одземен имот, продадени се двата стана на Бихаќка, лоцирани веднаш до станот во кој живееше Груевски, а аукцијата за луксузните апартмани на Водно била неуспешна.

Електронската лицитација за Апартманите на улицата „Тодор Александров“ била неуспешна, односно немало пријавени кандидати за учество, велат од Агенцијата за апартманите во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно

Двата стана на експремиерот на „Бихаќка“ се продадени за цена двојно повисока од проценетата, а државата од нив ќе инкасира околу 220.000 евра (околу 13,5 милиони денари). Кога ќе ги уплатат парите, Агенцијата ќе ги открие имињата на новите сопственици на двата стана.

Груевски, пред да избега во Унгарија, живееше во два споени стана со површина од над 140 квадратни метри, а негови биле уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Трите стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри, се со вкупна проценета вредност од над 2,4 милиони евра.
Апартманите се луксузно опремени, а тие имаат балкони со површина на просечен стан, кои требало да му обезбедат на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ексклузивен поглед кон Скопје, пишува „Фокус“.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан се продава по цена од 760.000 евра.
Вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 квадрати и тој е проценет на 847.000 евра, додека третиот е речиси со иста големина, – 200 квадратни метри и идентичен балкон, а вредноста му е проценета на 851.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот