Венко Филипче Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Писмо наместо прекин на преговорите, рокови за уставните измени – Филипче ги претстави црвените линии

Доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, подготвеност за исполнување на обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер, е резимето на драфт-верзијата на резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции со цел продолжување на процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, предложена од претседателот на СДСМ Венко Филипче

Владата на Република Северна Македонија и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија и дека Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени поради вклучување на бугарската етничка заедница во Уставот, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.
Ова се т.н. црвени линии, поточно драфт-верзијата на резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за да продолжи процесот на зачленување на Македонија во ЕУ што ја предложи лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Во неа, Филипче ретерира од првичната најава, односно наместо прекин на преговорите со ЕУ ако добиеме нов услов или блокада, Филипче сега предлага државниот врв со писмо да ги извести сите институции во ЕУ – дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со ЕУ. Резолуцијата предвидува временска рамка Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.

Забелешки од партиите – по локалните избори

Иако резолуцијата СДСМ ја поднесува до партиите во пресрет на изборната кампања, Филипче очекува таа да не се злоупотребува за изборни цели, туку по локалните избори партиите да ги достават своите забелешки и предлози за заеднички да го финализираат документот за кој се надева дека Собранието ќе го донесе со консензус.

– Ова се нашите црвени линии. Ова е предлог-решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус, со оглед на високото мнозинство граѓани што се за членство на државата во ЕУ. Документот доаѓа со предлог-закон за улогата на Собранието во процесот на евроинтеграциските преговори. Очекувам сите да бидат конструктивни и да не се злоупотребува за политички цели во предизборни кампањи – рече Филипче.

Венко Филипче Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Резолуцијата предвидува и временска рамка за нејзино спроведување. Според предлогот, од 15 ноември до 25 ноември Владата треба да ги разгледа поднесените амандмани за внесување на бугарската и на другите етнички заедници во Уставот, поднесени во 2023 година, и да се изјасни дали останува на истиот текст или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани.
Доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година, а Собранието потоа да ја почне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година.
Постапката за измена на Уставот со финално гласање на пратениците би требало да се случи најдоцна до 10 февруари 2026 година.
По изгласувањето и усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани, предлогот е Владата истиот ден да испрати писмо до членките на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи (патокази) што ги има подготвено како инструменти вообичаени за преговорите.
Во истото писмо, Владата ќе ја повика Европската комисија, во согласност со заклучоците на Советот на ЕУ, донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер – Темелни вредности, не подоцна од 15 февруари 2026 година.

Според Филипче, Резолуцијата е потребна бидејќи Македонија треба да има проактивен пристап за продолжување на преговорите со ЕУ, бидејќи тоа е во наш и во интерес на граѓаните.

– Натамошното чекање не ги подобрува нашите позиции и затоа е потребен итен ангажман на ниво на ЕУ за натамошните чекори во процесот и на ниво на координација за исполнување на обврските од Преговарачката рамка, кај нас, дома – вели Филипче.

„Никој не може да ни се спротивстави ако ние сме единствени дома“

Тој вели дека со резолуцијата не се предлага прекин на преговорите со ЕУ, затоа што сметаат дека опцијата со писмо да ги известат институциите на ЕУ е подобра и дека никој не може да ни се спротивстави ако ние сме единствени дома.

– Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата, со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот парламент, еврокомесарот за проширување на ЕУ и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи што се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија – рече Филипче.

Венко Филипче Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Прашан – по што се разликува оваа резолуција од претходната, Филипче нагласи дека тоа е заради конструктивниот пристап што сега се нуди, односно сите партии да учествуваат со предлози за финалната верзија. На забелешката дека е познат ставот на ВМРО-ДПМНЕ – дека прифаќа уставни измени, но со одложено дејство, и дали смета дека владејачката партија ќе застане зад резолуцијата, Филипче рече дека ЕУ веќе се изјаснила дека не е прифатлив таков предлог и дека најлошо е ние ништо да не правиме по тоа прашање.

– Плашејќи се од хипотетички претпоставки дека ќе се случат, ние стагнираме, реформската агенда не се спроведува. Секоја држава има национален консензус за одредени прашања. Крајно неодговорно е ништо да не се прави по ова прашање. Слушнав дека тој нема проблем со внесување на Бугарите во Уставот, но со одложено дејство. Еве документ дека никакво друго условување нема да прифатиме. Мора да знаеме дека многу ветувања на Владата не се исполнија. Пред изборите ветуваа дека ќе се врати уставно име, ќе се подобри преговарачката позиција, ветија одложено важење на уставните измени… Сега прашуваме – за што граѓаните им дадоа легитимитет ако излезе дека сите ветувања не може да се имплементираат – рече Филипче.

Тој рече дека очекува, како што веќе најавил премиерот Христијан Мицкоски, дека ќе го разгледаат документот. Негира дека предлог-резолуцијата е во координација со ЕУ, особено по најавата на премиерот дека очекува по Нова година да се придвижат работите.

– Нема никаква координација, но ги слушаме сигналите од ЕУ, изјавите за прием на Албанија и на Црна Гора. Се надевам дека, ако има таков процес, ова ќе биде дополнително камче во мозаикот, но нема заткулисна соработка. Битно е да знаеме што ние ќе правиме – рече Филипче.

Тој додаде дека резолуцијата е отворена за сугестии и во делот на временската рамка за уставните измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот