
Писмата на Ричард Бартон до Елизабет Тејлор: Засекогаш сум казнет од боговите затоа што добив оган и се обидов да го изгаснам
На денешен ден, 5 август 1984 година почина американскиот актер Ричард Бартон, чиј живот меѓу другото го обележа и бурната љубовна врска со Елизабет Телјор.
Препорачано
– Хемијата меѓу мене и Ричард беше неверојатна. Едноставно не можевме да ги тргнеме рацете еден од друг – ова се зборовите со кои Елизабет Тејлор ја опиша својата љубовна приказна со Ричард Бартон.
Тоа беше една од најскандалозните приказни на 20 век – од една страна толку страсна, од друга страна турбулентна врска што ги обележа нивните животи, но и животите на нивните обожаватели, долго пред интернет озборувањата и социјалните мрежи.
По разделбата додека престојувал во куќата на неговиот адвокат, Бартон ѝ напишал писмо: „Те сакам, слатка жено, ако некој те повреди, прати ми само еден магичен збор, „Елизабет“, и ќе стигнам побрзо од звукот“. Мора да знаеш, секако, колку те сакам, но исто така сум свесен дека се однесувам лошо кон тебе. Далечна си како планетата Венера, те сакам и секогаш ќе те сакам.“
Одбивал да го прифати фактот дека го напуштила, се криел од новинарите и папараците, се опивал и упорно ја негирал вистината. Требало да оди на рехабилитација од алкохол, но постојано го одложувал и тоа.
Потоа ѝ напишал уште едно писмо на Елизабет: „Па, пред сè, мора да сфатиш дека те обожавам. Второ, да не се повторувам, ама те сакам. Трето, не можам да живеам без тебе. Трето, мислам четврто, имаш огромна одговорност, бидејќи ако ме оставиш, ќе морам да се самоубијам. Се плашам дека нема живот без тебе.“
Неговото каење и копнежот по неа го прогонуваа. Продолжил да ѝ пишува:
„Хотел Даниели, Венеција. Засекогаш сум казнет од боговите затоа што добив оган и се обидов да го изгаснам. Тој оган си, секако, ти, најдобрата актерка на светот, којашто во комбинација со твојата извонредна убавина, те прави единствена.“
Тој мислел дека конфликтите меѓу нив се необјасниви, но дека љубовта е нешто што ќе ги поврзе засекогаш.
Елизабет не одговарала на неговите писма, но како што се испостави подоцна, ги чувала во тајност четири децении.
– Ричард имаше толку многу страст за животот преку зборови – еднаш рекла таа.
Откако официјално се разделиле, имало неколку помирувања и разделби. Последните разделби најчесто биле предизвикани од неконтролираното пиење и аферите на Ричард.

Таа веќе не можела да го издржи медиумскиот притисок и одлучила да се разведе. На сослушувањето, изјавила дека животот со него станал неподнослив.
Го продолжиле својот живот со нови партнери, но наскоро сфатиле дека всушност само еден со друг се разбираат толку добро и дека никој друг не може да ги достигне тие искуства и спомени.
Во летото 1975 година, повторно се сретнале во Швајцарија, наводно за да разговараат за нивните финансиски решенија, но кога Ричард ја видел Елизабет, солзите сами потекле, тие си паднале во прегратка еден на друг. Емоциите меѓу нив не исчезнале и објавиле дека се повторно заљубени.
Набргу потоа, Ричард повторно ѝ предложил брак. Си ветиле еден на друг дека нема да има повеќе бракови или разводи.
Сепак, по неколку идилични недели брак, сè повторно тргнало наопаку. Тој повторно почнал да пие. Многу брзо се вратиле на нивниот добро познат образец на кавги и помирувања. За помалку од шест месеци и нивниот втор брак завршил.
Но без оглед на сите околности, неговите пријатели тврдат дека тој засекогаш останал опседнат со Елизабет, дури и за време на шестгодишниот брак со неговата асистентка Сали. Во една прилика, тој му признал на својот близок пријател: „Таа сè уште ме фасцинира.“
Едно утро Ричард имал ужасна главоболка, бидејќи не поминувала, зел аспирин и заспал. Следниот ден, Сали го нашла како тешко дише и го однела брзо во болница. Лекарите направиле сè за да го спасат, но тој починал во операционата сала на 58-годишна возраст поради масивно крварење во мозокот.
Елизабет не присуствувала на погребот на Ричард, Сали одбила да ја покани, од страв дека нејзиното присуство ќе го претвори настанот во медиумски циркус. Неколку дена по неговата смрт, во домот на Елизабет пристигнало писмо.
Ричард го напишал во неговата работна соба. Поштенскиот печат бил 2 август.
Бартон во писмото напишал дека бил најсреќен кога бил со неа и дека сакал да „се врати дома“. Тој исто така напишал дека само тие двајца знаат колку е силна емоцијата меѓу нив и ја прашал дали можеби постои уште една шанса за нив.