Пицула: ЕУ треба да се проширува но земјите-кандидати мора да ги почитуваат нашите вредности

Фото: МИА

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула вели дека земјите аспиранти за ЕУ мора да ги почитуваат вредностите на Унијата. За време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур по Предлог-регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан тој порача дека секогаш го поттикнувале проширувањето и верувале дека приемот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е многу важен.

– Ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, но тоа мора да го направат и земјите од Западниот Балкан. Нашата чекалница е целосно полна и сега е време да поработиме на амбициите на проширување, нагласи Пицула, кој е известувачот на Комитетот за надворешни работи на ЕП во однос на законската регулатива.

Пицула нагласи дека индивидуалните заслуги во почитувањето на демократските стандарди и владеењето на правото треба да бидат темели за проценка на подготвеноста на една земја кандидатка за членство во ЕУ, бидејќи, како што рече, иако е важно да се градат мостови и тунели, човековите права сепак се основата вредност на Унијата, пренесе МИА.

– Европската унија е повеќе од економска унија. Се работи за Унија на споделени вредности и ризици. Откако една земја кандидатка за членство ќе ги исполни сите критериуми не би требало да има никакви политички дилеми, додаде Пицула, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ е една од најуспешните европски политики и затоа таа мора да продолжи.

Тој потсети дека Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан треба да биде со важност од втората половина на оваа, па до 2027 година и опфаќа вкупна сума од шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратни грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови.

Пицула истакна дека покрај првичните обврски што треба да ги исполнат земјите од Западниот Балкан за да можат да ги користат придобивките од Планот за раст, дополнително се внесени и препораките за борба против дезинформациите и за хармонизација на визниот режим со оној на Унијата, додека за Косово и Србија како предуслов е додаден и делот за резултати од нивниот дијалог.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот